|
Повеќе од 1300 учесници од 109 земји присуствуваа на Форумот за управување со интернет (ИГФ) којшто се одржа годинава во Рио де Жанеиро.
Главни теми на Форумот беа: најважни интернет ресурси, пристап,
разновидност, отвореност и безбедност. Се одржаа вкупно 84 настани во
период од 4 дена (12-15 ноември, 2007 г.) и луѓето имаа прилика да
учествуваат во сите пленарни сесии, работилници, сесии за најуспешни
практики, состаноци на динамички коалиции и други слични состаноци.
Во текот на воведната сесија, генералниот потсекретар на OН - Ша Жуканг
го објасни делокругот на ИГФ: „Обединетите нации немаат улога во
управувањето со интернетот, но сепак ја користиме можноста преку овој
форум да обезбедиме една трибина во прилог на глобалниот опсег на
интернетот.“
Меѓутоа, сé уште присутното прашање за отстранување на влијанието на ОН врз Интернет корпорацијата за назначени имиња и броеви (ИЦАНН)
беше повторно покренато од страна на некои учесници. Рускиот
претставник Константин Новодерејкин побара од ОН да формира група за
пренесување на управувањето со интернет “под контрола на меѓународната
заедница“. Тој доби поддршка и од други претставници на држави, меѓу
кои и претставници на Бразил кои исто така побараа независност на ИЦАНН.
Претставниците на ОН одговорија дека тековната поставеност оневозможува
„други земји да цензурираат веб-страници со бришење на податоци од
директориуми со имиња на домени.“ Винсент Срф исто така ја поддржа
состојбата на статус-кво: „ИЦАНН постои осум години и заврши одлична
работа во поглед на планот за интернационализација.“ Тој исто така
нагласи дека владините обиди за контролирање на интернетот најверојатно
ќе бидат неуспешни.
На агендата на Форумот за управување со интернет се најдоа и други
важни теми. Неутралноста на мрежата беше прифатена како важен предлог
во рамки на глобалната јавна политика. Јапонскиот заменик-министер за
координација на политики Кијоши Морик ја смета неутралноста на мрежата
за „едно од клучните три прашања на кои треба да се осврнеме.“
Амнести интернешнл ја искористи
приликата повторно да ги повика владите и компаниите да ги направат
човековите права најважни кога станува збор за интернет управување. Ник
Дирден, член на делегацијата од Амнести интернешнл на ИГФ, објасни: „По
одржувањето на последниот Форум за управување со интернет, во
изминатите 12 месеци бевме сведоци на кризата во Бурма, каде што
интернетот се користеше за изнесување на слики и информации од земјата
и да се мобилизираат луѓе од целиот свет со цел да дејствуваат. Од
друга страна, исто така видовме зголемување на цензура, филтрирање и
блокирање на веб-страници.“
Организацијата за заштита на интелектуалната сопственост и слободата на
изразување (ИП Џастис)
во својот извештај за јавноста за ИГФ 2007 идентификуваше три главни
области во кои Форумот за управување со интернет се покажа како
корисен: висок квалитет на работилниците и сесии со најуспешни
практики, одлична техничка подготвеност и можност за учество од
далечина како и можности за интеракција и мрежно работење. Исто така
беа нагласени и други теми на кои би можело повеќе да се работи во
наредните сесии: човекови права и други контроверзни теми кои се
избегнуваат во многу сесии, присуството на непропорционална застапеност
на половите и исклученоста на младите гласови во многу сесии на кои
доминираа веќе докажаните играчи. Дали ова би било доволно за ИГФ да
стане повеќе од светска конференција за интернет управување? Иако сé
уште има многу до моментот кога ИГФ ќе може да дава препораки, Форумот
доби мандат од Светскиот самит за информатичко општество во Тунис во
кој се вклучени голем број на функции кои очигледно не можат успешно да
се исполнат само со годишна конференција. Токму за ова се дискутираше
на работилницата организирана од групата за интернет управување во
граѓанското општество во однос на „исполнување на мандатот на ИГФ“. Од
оваа работилница, меѓу другото, произлезе и една едноставна идеја – да
им се даде поголемо значење на предлозите од работилниците и другите
динамички коалиции, со тоа што тие ќе се изнесуваат за дискусија на
пленарните сесии на ИГФ.
Заедничкиот предлогот на Советот на Европа и Асоцијацијата за прогресивни комуникации (АПЦ)
за воспоставување на механизам за поддршка на учеството, пристапот до
информации и транспарентноста во интернет управувањето“ е меѓу оние
резултати за кои вреди да се разговара на повисоко ниво.
Како што е објаснето од Советот на Европа и АПЦ, „со овој механизам ќе
се овозможи сите институции кои играат некаква улога во некој аспект од
управувањето со интернет да се обврзат на транспарентност, јавно
учество, вклучувајќи и учество на сите заинтересирани страни, и пристап
до информации за нивните активности“. Советот на Европа и АПЦ
предложуваат да ја земат предвид, како прототип на еден таков механизам
– Конвенцијата за пристап до информации и јавно учество во донесувањето
на одлуки од Економската комисија за Европа на ОН.
Наредната година, Форумот за управување со интернет ќе се одржи во Њу Делхи, Индија, од 8 до 11 декември.
ЕДРИ-грам: Форум за управување со интернет 2007 - сé уште е потребно време за постигнување на ефективни резултати (21.11.2007)
Резиме од Форумот за управување со интернет
(3407 hits/посети) |