|
Метаморфозис е независна, непартиска и непрофитна фондација со седиште во Скопје, Република Македонија. Нејзини главни цели се развој на демократијата и просперитет преку промоција на економија базирана на знаење и информациско општество.
|
|
Насловна Вести Брисел разгледува нова тужба за Мајкрософт
|
|
|
|
Брисел разгледува нова тужба за Мајкрософт |
|
|
|
14.12.2007. |
По загубата на долготрајната антимонополска битка со Европската комисија оваа есен, Мајкрософт во четвртокот се соочи со нова тужба за неговите пазарни практики во Европа.
Опера Софтвер, норвешка компанија чијшто интернет прелистувач се користи во помалку од 2 отсто од интернет сообраќајот, соопшти дека е поднесена нова тужба до Комисијата, во која го обвинуваат Мајкрософт за злоупотреба на доминантната позиција преку интегрирањето на нивниот прелистувач Интернет експлорер во оперативниот систем Виндоуз.
Од Опера исто така се жалат дела Мајкрософт ја попречува интероперабилноста со тоа што не се придржува до прифатените веб стандарди.
Со овој случај се одбележува првиот обид на некој конкурент да се обиде да ја искористи историската пресуда со цел да се ограничат бизнис практиките на Мајкрософт. Во септемвриската пресуда, Европскиот првостепен суд го поддржа заклучокот на Комисијата дека Мајкрософт незаконски ја злоупотребил својата доминантна позиција на пазарот, со врзување на својот софтвер (Виндоуз медија плеер) со оперативниот систем Виндоуз.
Претставник на Комисијата ја потврди тужбата на Опера и изјави дека ќе биде внимателно разгледана.
Мајкрософт соопшти дека ќе соработува со Комисијата, но додаде: „Ние сметаме дека вклучувањето на прелистувачот во оперативниот систем е во корист на корисниците, а корисниците и производителите на компјутери можат слободно да изберат кој прелистувач ќе го користат.“
Тужбата на Опера нè навраќа во времето на „Војните на прелистувачи“ пред една декада, што доведоа до антимонополски мерки на САД против Мајкрософт. Иако САД немаа приговор во однос на вметнувањето на прелистувачот на Мајкрософт во Виндоуз, беше заклучено дека компанијата ја злоупотребила својата моќ на пазарот за да го порази Нетскејп.
Беа договорени мерки со кои се предвидуваше на корисниците да им се олесни при изборот на различни прелистувачи кои би работеле на Виндоуз, и да се осигури дека производителите на персонални компјутери ќе можат да го инсталираат кој било прелистувач.
Предметот е поддржан од некои од најголемите ривали на Мајкрософт преку Европскиот комитет за интер-операбилни системи (ЕКИС), тело во кое се вклучени Ајбием, Оракл, Сан мајкросистемс и Адоуб.
Томас Вињ, правниот советник на ЕКИС, изјави: „Прелистувачите се премин кон интернетот. Микрософт се обидува да го контролира тој премин.“
Од Опера изјавија дека бараат или отстранување на Експлорер од Виндоуз и/или пред-инсталација на алтернативни интернет прелистувачи на десктоп компјутерите, под услов компанијата да се придржува до стандардите за отворен интернет.
Извор: Фајненшл тајмс
(3529 hits/посети) |
|