Интел се извлече од проектот за доделување на евтини лап-топ компјутери на децата од земјите во развој
Поради „филозофски“ разлики, Интел го прекина финансирањето и техничката помош за проектот Лап-топ за секое дете.
Проектот ОЛПЦ има за цел да го подобри учењето кај посиромашните нации со помош на прилагоден лап-топ компјутер кој не би чинел повеќе од 100 долари.
Повлекувањето на Интел е удар за ОЛПЦ кој наиде на мал број земји кои би купиле големи количини на лап-топ компјутери.
Интел се вклучи во проектот ОЛПЦ во јули 2007 г. и се очекуваше да работи на верзија на лап-топ компјутерот која би користела процесор на Интел. Многумина очекуваа оваа машина да биде промовирана на ЦЕС Саемот на технологија кој започна на 5 јануари, 2007г.
Првите верзии на ОЛПЦ и XO лап-топ компјутерот работеа на процесор произведен од АМД - вечниот ривал на Интел.
Зелено-белиот компјутер XO беше специјално дизајниран за деца, покрут, поради условите во земјите во развој и можеше да се напојува со курбла.
Портпаролот на Интел, Чак Малој, рече дека тие донеле одлука за повлекување од бордот на ОЛПЦ и прекинување на соработката бидејќи организацијата побарала од Интел да прекине со поддршката за конкурентските лап-топ компјутери со ниска цена. Заедно со Интел, единаесет други компании, меѓу кои и Гугл и Ред Хет, се дел од бордот на ОЛПЦ.
Производителот на процесори Интел промовираше свој сопствен евтин лап-топ компјутер, Клесмејт, на многу места каде што тоа го прави и ОЛПЦ.
„ОЛПЦ“ побара од Интел да ја прекине поддршката за платформи кои не припаѓаат на ОЛПЦ, меѓу кои и компјутерот Клесмејт, и да се насочи исклучиво кон платформата ОЛПЦ“, изјави г. Малој. „На крајот, одлучивме дека не можеме да го исполниме тоа барање.“
Тој додаде дека употребата на процесори на АМД во првите XO лап-топ компјутери не влијаела на нивната одлука.
Коментирајќи околу разделбата, портпарол на ОЛПЦ изјави: „Ние во ОЛПЦ сме разочарани што Интел не можеше да ги исполни ветувањата од времето кога се се придружи на ОЛПЦ; се надевавме на позитивна соработка, која не се оствари“.
Таа додаде: „Придобивката од заминувањето на Интел од бордот на ОЛПЦ е обновената јасна визија за целта и пазарот“
Пред да се вклучи Интел, основачот на ОЛПЦ Николас Негропонте ја критикуваше компанијата за производство на процесори поради она што тој го нарече обиди за поткопување на работата на проектот. Тој изјави дека тие го продавале Клесмејт со загуби, само за лап-топ компјутерот XO да биде помалку атрактивен. Додека првобитната цел на д-р Негропонте беше еден лап-топ компјутер да чини 100 долари, конечните верзии кои беа испробани во Нигерија и Уругвај чинеа 188 долари (95 фунти).
Владите требаше да ги држат трошоците на ниско ниво преку нарачување на лап-топ компјутерот XO во пратки од по еден милион, но големите нарачки досега не се случија.
Во повикот за зголемување на бројот на лап-топ компјутери, ОЛПЦ спроведе програма „Дај еден, земи еден“ во САД од 12 ноември до 31 декември. Ова им овозможи на луѓето да купат два XО компјутери – еден за нив и еден за проект на ОЛПЦ на друго место. Од ОЛПЦ изјавија дека успехот на оваа идеја помогна да се започнат програми во Хаити, Руанда, Етиопија, Камбоџа, Монголија и Авганистан.
Извор: Бибиси
(3982 hits/посети) |