|
Мајкрософт најави дека ќе ја открие својата технологија за дел од својот водечки софтвер за да може полесно да функционира со производите на ривалите.
Технолошкиот гигант ќе објави клучни шематски планови за софтверот на
својот веб-сајт. Тие исто така ветија дека нема да ги тужат
програмерите на слободен софтвер со отворен код доколку го нудат тој
софтвер за некомерцијална употреба.
Мајкрософт е под истрага на Европската комисија поради сомнение дека
ограничувањето на пристапот до неговата технологија ја спречува
конкуренцијата. Од Комисијата изјавија дека активностите за воспоставување на вистинска
интероперабилност се добредојдени. Сепак, Комисијата забележува дека
денешната најава на Мајкрософт следува по најмалку четири слични најави
на Мајкрософт од минатото, во однос на важноста на интероперабилноста.
Во јануари, Комисијата поведе две официјални истраги околу сомнението
за злоупотреба на доминантната позиција на пазарот од страна на
Мајкрософт, вклучувајќи и истрага за интероперабилноста на софтверот на
Мајкрософт. Комисијата соопшти дека ќе провери дали тоа што всушност
беше изјавено во четвртокот е „спроведено и во пракса“.
Извршниот директор на Мајкрософт - Стив Балмер изјави: „Нашата цел е да
промовираме поголема интероперабилност, можности и избор за клиентите и
програмерите во индустријата преку обезбедување на поголема отвореност
на нашите производи и преку споделување на уште повеќе информации за
нашите технологии.“
Во 2004 г. , комисијата го казни Мајкрософт со 497 милиони евра (375
милиони фунти, односно 735 милиони американски долари) и го принуди да
понуди верзија од сопствениот Виндоуз оперативен систем без неговиот
медија плеер. Компанијата исто така доби инструкции да им обезбеди
повеќе информации на конкурентите околу тоа како функционира Виндоуз,
за да може нивниот софтвер подобро да работи со оперативниот систем,
кој се користи на повеќе од 90 проценти од компјутерите низ светот.
Мајкрософт неодамна даде понуда за преземање на Јаху во зделка
со готовина и акции вредна повеќе од 40 милијарди долари (20,4
милијарди фунти), но таа понуда беше одбиена. Оттогаш, Мајкрософт ја засили својата акција за купување на Јаху со тоа
што најми компанија која специјализира во зделки за преземање.
Извор: Бибиси Њуз - Мајкрософт се подготвува да го „отвори“ својот софтвер, 21 февруари 2008.
(3613 hits/посети) |