|
Повозрасните наши писатели се скептични кон лиценците „Криејтив
комонс“. Причина за тоа е недоволното познавање на современите медиуми
и развојот на интернет-технологијата. Прифаќањето на овој тип лиценца е
повеќе одлика на младите уметници.
- вели еден од протагонистите на оваа
лиценца за земјава, теоретичарот Роберт Алаѓозовски.
Со „Криејтив комонс“ истовремено се овозможува интернет промоција на делата и нивна заштита под одредени услови, а посетителите можат да ги преземаат и употребуваат според пропишаните правила.
Многу земји во светот одамна се уверени дека креативните дела кои не се дигитализирани се осудени на пропаст, а пошироката публика ја нема привилегијата до неа да допрат остварувањата кои се без цензура и силна порака.
Македонската верзија на светски познатата лиценца за заштита на авторските права, њњњ.цц.орг.мк, која овозможува ширење на слободната култура, беше промовирана пред речиси една година. Креативното дело може да биде фотографија, книга, филм, аудиозапис, блог или друг тип веб- сајт. Алаѓозовски потенцира дека лиценцата нуди можност за излез на македонските уметници и на светската сцена.
- За жал, нашата литература се уште е центрирана само во локални рамки. Македонските писатели како да имаат желба да бидат значајни само за македонската публика. Доколку тие пројават амбиција да бидат познати и во светот, тогаш „Криејтив комонс“ е вистинскиот начин да го овозможи тоа. Нивната литература ќе ја прочитаат многумина, а своето светско реноме ќе може да го заслужат само ако делото е квалитетно - објаснува Алаѓозовски.
Писателите, пак, од повозрасната генерација не се запознаени со системот на „Криејтив комонс“ за заштита на авторските права.
- Јас прв пат слушам за ова. Веројатно не е доволно афирмирано и приближено до нас како автори. Кога подобро ќе бидам запознат со придобивките на таа лиценца, ќе имам и свој став - вели писателот Веле Смилевски.
Досега објавени дела во електронска форма под оваа лиценца кај нас се првата книга на Алекс Букарски, „Луѓе на кои не им се отвора падобранот“, „Писателот Варски и други приказни“ на Душко Гошевски, преводите на драмите на Вилијам Шекспир, кои ги направи Драги Михајловски, музичките остварувања на Али Баба и Серафедин, видеата на уметниците Саша Станишиќ и Филип Јовановски, фотографиите на Милена Станишлевиќ, Столе Ангелов и други.
Сепак, нивниот број е далеку помал од 40-те уметници кои неодамна најавија дека ќе го сторат истото.
Извор: Шпиц, бр. 519, 28 февруари, 2008.
(2998 hits/посети) |