|
За еден просечен тинејџер, единствената полоша работа од губењето на
пристапот до бесплатна, пиратска музика од интернет би било целосното
губење на пристап до интернет.
Тоа може да се случи со плановите на Франција и Велика Британија, според кои провајдерите треба да бидат одговорни за спречување на корисниците кои нелегално симнуваат материјали заштитени со авторски права. Но, казните за тие корисници треба да бидат дозволени само по завршувањето на судската постапка.
Музичката индустрија е во агонија: нелегалното симнување на датотеки го уништува профитот. Филмската индустрија стравува дека ќе биде следна. Овие индустрии правеа напори да ги наметнат авторските права на интернет, поради протоколите за споделување на датотеки како на пр. БитТорент, преку кои корисниците можат да преземат песна или филм директно од компјутерот на друг корисник, кој можеби има легална копија.
Со тоа, интернет провајдерите стануваат атрактивна цел. Тие можат – без големи тешкотии – да ги идентификуваат лицата кои споделуваат датотеки и едноставно да им ја прекинат интернет конекцијата. Тоа можеби е единствениот начин за спречување на пиратството на интернет.
Но тоа сепак не би било во ред. Покрај проблемите што настануваат при воведувањето – што да се направи доколку компјутерот на корисникот е украден и искористен за пиратство, на пример, или доколку корисниците симнат копии од музика од која веќе имаат легална копија – исто така постојат и проблеми на принципи.
Како прво, се имплицира на вина. Еден сопственик на авторски права треба да оди на суд и да докаже дека неговата сопственост била злоупотребена. Наместо тоа, ќе може да се упати до интернет провајдер и да побара казна за обвинетиот. За да се заштитат себеси, интернет провајдерите без доказ за вина можат едноставно да го исклучат секој поединец којшто споделува датотеки.
Второ, кривичното гонење треба да биде насочено кон престапникот. Барањето одговорност од интернет провајдерот е исто како да тужите компанија за производство на хартија за клевети испишани на нејзиниот производ, или како да тужите некое складиште доколку некој го користи за чување на украдени стоки.
Трето, се јавуваат импликации во однос на слободата на говорот. Адвокатите за клевета од Велика Британија веќе ги одредија интернет провајдерите како лесен начин за напаѓање на содржините кои не им се допаѓаат на нивните клиенти. Споделувањето на датотеки може да биде искористено за дистрибуирање на легален и копиран материјал, и доколку се законски обврзани, интернет провајдерите веројатно ќе бидат конзервативни и ќе одбијат сè за што добиваат приговори.
Конечно, владите треба да размислат дали нивниот приоритет при спроведувањето на законот се лицата кои споделуваат датотеки на интернет. Без сомнение, тие можат да направат повеќе, но нивните заложби можеби би било подобро да бидат насочени кон терористи, организирани криминалци и педофили.
Законот навистина треба да и’ олесни на музичката индустрија при спроведувањето на законските права. Но начинот на кој треба да се стори тоа е да се олесни откривањето на лицата кои нелегално споделуваат датотеки и истите кривично да се гонат. Интернет провајдерите треба да бидат обврзани да им помогнат на сопствениците на авторските права да идентификуваат пирати но не и самите да го спречуваат пиратството. Во меѓувреме, музичката индустрија, мора да си помогне себеси и да понуди евтини датотеки достапни за симнување со цел да го прошири легалниот пазар на интернет.
Извор: Електронско издание на Фајненшл тајмс
(3304 hits/посети) |