|
ЕМИ, Сони, Ворнер и Јуниврсл го тужат најголемиот интернет провајдер во
Ирска – Ирком, барајќи да инсталира филтри со кои ќе се спречува
корисниците нелегално да споделуваат или симнуваат музика.
Тужбата ја прими судијата Питер Кели од Стопанскиот суд, што значи дека ќе биде разгледана во забрзана постапка.
Ирком соопшти дека не бил известен за некоја конкретна нелегална активност со која се прекршиле правата на компаниите и нема законска обврска да го надгледува сообраќајот во својата мрежа. Претходно музичките компании сакаа Ирком доброволно да инсталира софтвер од типот на софтверот произведен од Одибл меџик, кој ќе „втиснува отпечатоци“ на музичките датотеки, но Ирком одби со објаснување дека не може да го активира тој софтвер на своите сервери.
Ирската асоцијација на интернет провајдери (ИСПАИ) претходно соопшти дека не се согласува со ваков вид на филтрирање, при што генералниот менаџер Пол Дјуран изјави:
„Здружението целосно се спротивставува на каква било обврска (како оваа според одлуката на белгискиот суд) од која произлегува дека интернет провајдерите треба да ја набљудуваат целосната комуникација на нивните клиенти преку интернет поради ризикот дека некој можеби дистрибуира дела заштитени со авторски права за кои немаат дозвола да ги користат. (Како е можно еден интернет провајдер, или која било трета странка да знае дали при нечија комуникација станува збор за размена на дела со заштитени авторски права, кој ги поседува тие права и дали тоа било одобрено или не?)
Се загрозува приватноста на сите приватни и бизнис разговори. Тоа би било електронска варијанта на отворањето на писма во поштите со помош на пареа, проверувањето на содржината и задржувањето на некои работи кои некој непознат работник смета дека би требало да бидат цензурирани. Доколку со законодавството се принудуваа интернет провајдерите да вршат надзор, без оглед на демократските или моралните прашања, тогаш сите веднаш ќе започнат да ги криптираат своите податоци со што таквиот мониторинг би станал бескорисен, а самиот процес на мониторинг би го забавил интернетот до едно бескорисно темпо својствено за полжав.“
Дигитални права – Ирска ја осуди оваа постапка, соопштувајќи дека со тоа ќе се загрози приватноста на корисниците на интернет, ќе се зголемат трошоците за широкопојасниот интернет, ќе се „блокираат“ легалните датотеки, а сепак надзорот ќе може лесно да се избегне со помош на програмите за криптирано испраќање на податоци кои се споделуваат.
Ајриш тајмс, Ирком на суд поради нелегалното симнување на музика
РТЕ Њуз, издавачките куќи бараат забрана за нелегалните симнувања
Дигитални права – Ирска, ИРМА против Ирком – Зошто филтрирањето на интернет провајдерите за музичката индустрија е лоша идеја
Пол Дjуран (ИСПАИ), коментар
Извор: ЕДРИ-грам „Музичката индустрија го тужи најголемиот ирски интернет провајдер“ бр. 6.5, 12 март, 2008.
(2634 hits/посети) |