|
Домашниот ИКТ изгуби конкурентност на локалните тендери бидејќи
Мајкрософт Македонија дозволи да влезе странска фирма, која во Телеком
увезе софтвер од надвор, реагираат од Нико Компјутерс.
Мајкрософт Македонија мора да ги обесштети македонските компјутерџии, бидејќи не може да им обезбеди заштита од мајкрософт софтвер купен од странство, а истовремено ги пријавува домашните компјутерски фирми ако софтверот што го продаваат заедно со компјутерите, не е купен од македонската канцеларија на овој гигант. Поради овие причини десетици фирми се оштетени или претрпуваат финансиски штети кога учествуваат на тендери во земјава. Дел од нив се јавија во нашата Редакција да се пожалат дека од Мајкрософт Македонија ги цинкарат кај инспекциите и се казнувани ако кај нив има софтвер произведен од Мајкрософт, но купен од странство.
Жарко Никодиновски од Нико компјутерс вели дека изгубил углед во Македонски телекомуникации, откако го изгубил тендерот за набавка на нови компјутери и преинсталиран мајкрософт софтвер, а го добила српската компанија КомТрејд.
-Домашниот ИКТ изгуби конкурентност на локалните тендери бидејќи Мајкрософт Македонија дозволи да влезе странска фирма, која во Телеком увезе софтвер од надвор. Заради тоа домашните ИКТ компании не гледаат иднина за следните набавки на Телеком, поради неконкурентната цена што е овозможена од вашата канцеларија - вели Никодиновски.
Според него, Мајкрософт Македонија со тоа што не обезбедува добри цени за мал пазар како македонскиот, не ги заштитува домашните компании. Тоа не е случај со канцеларијата на Мајкрософт Србија, која успеала директно од Мајкрософт да издејствува поевтин софтвер, кој како таков е конкурентен на македонскиот пазар.
Во преписките меѓу Никодиновски и првиот човек на Мајкрософт Македонија, Илијанчо Гаговски до кој дојде Вечер, стои дека тој бил свесен за тоа, но дека не можел ништо да преземе.
- Сакате законот да ве штити од пиратерија или праќате инспекции, а се оградувате кога вие правите нелојална конкуренција и притоа сте свесни, но не и за нашите загуби - вели Никодиновски.
Извор: Вечер "Мајкрософт Македонија работи на штета на домашните компјутерџии" бр. 13756, 20 март, 2008.
Мајкрософт Македонија одговара:
Цените на софтверот се исти во целиот регион
Ценовната политика на Мајкрософт во стандардниот дистрибутерски канал е еднаква во целиот регион на Централна и Источна Европа, на кој припаѓа и Македонија, велат од канцеларијата на Мајкрософт Македонија во врска со реакциите на некои домашни компјутерски фирми дека софтверот на овој светски гигант во земјава е прескап.
- Дистрибутивните канали се секогаш поврзани за националните пазари. Исклучок од ова се договорите со поголемите светски и регионални производители на компјутери, кои лиценциран софтвер прединсталиран на нови компјутери имаат право да пласираат на било кој пазар - велат од Мајкрософт Македонија.
Оттаму појаснуваат дека ваков тип на договор со корпорацијата Мајкрософт се базира на однапред преземени обврски за годишна продажба, од ранг на десетици илјади лиценци годишно.
- Овој тип на договори е расположив и за било која македонска компанија која е подготвена да гарантира за коректното лиценцирање на секој компјутер на кој инсталира производи од Мајкрософт, во рамките на однапред определениот обем - нагласуваат од Мајкрософт Македонија.
Извор: Вечер „Мајкрософт Македонија: Цените на софтверот се исти“ бр. 13757, 21 март 2008.
(4796 hits/посети) |