|
Недостигот на пари е одличен катализатор за иновации, особено во
областа на софтверот со отворен код, изјави Марк Шатлворт, основачот на
Убунту.
Искуството покажа дека ослабената економија на САД поволно влијае на слободниот софтвер, бидејќи недостигот на средства вообичаено претставува главен катализатор на иновациите, особено во областа на апликациите со отворен код, изјави Марк Шатлворт, основачот на Убунту Линукс, на годинешната Конференција за бизниси кои користат отворен код, одржана во Сан Франциско на 25 март.
Роџер Буркхарт, претседател и главен извршен директор на компанијата за бази на податоци од отворен код се согласи, истакнувајќи дека како што ослабува економијата, буџетот се намалува и луѓето мораат да направат повеќе со помалку средства. Зак Олаф, потпретседател на производство во МајЕсКјуЕл исто така се согласи со овие тврдења, изјавувајќи дека пониската цена на софтверот со отворен код го прави уште попривлечен во една економска клима како тековната.
Сите говореа за време на сесијата со наслов „Иднината на слободниот софтвер со отворен код: Истражување на инвестициите, иновациите, апликациите, можностите и ризиците.“ Тие исто така одговараа на резултатите од годишното истражување „Иднината на слободниот софтвер“ на партнерите од Норт Бриџ Венчр, кое покажа дека 81 проценти од испитаниците мислеле дека економските турбуленции се поволни за слободниот софтвер.
Истражувањето исто така ги откри факторите благодарение на кои софтверот со отворен код е најпривлечен: ниски трошоци за набавка и одржување, пристап до библиотеки со кодови и ослободување од затворените формати на комерцијалниот софтвер.
Се наоѓаме пред пресвртница, кога луѓето всушност почнуваат да испитуваат кога и поради кои причини би користеле комерцијален софтвер. Тие сега бараат причини да го оправдаат користењето на комерцијален наместо слободен софтвер“ изјави Шатлворт.
Испитаниците од истражувањето исто така веруваат дека за пет години од 25 до 50 проценти од купениот софтвер ќе биде со отворен код, и дека за две години ќе се појави друга компанија за софтвер со отворен код од типот на Ред Хет.
Во однос на тоа кој ќе го добие најголемиот дел приходите за комерцијален софтвер со отворен код во 2012 г., околу 35 проценти од испитаниците ги наведоа продавачите на платформи Оракл, Сан и САП; нешто повеќе од 20 проценти изјавиле дека тоа ќе бидат конгломерати од типот на Гугл, Мајкрософт и Јаху; 18 проценти изјавиле дека тоа ќе бидат конзорциуми кои заедно работат на интероперабилност, а 15 проценти изјавиле дека тоа ќе бидат компании за платформи како Ред Хет.
Извор: иВИК - „Ослабената економија добра за слободниот софтвер“ 25 март, 2008.
(4057 hits/посети) |