|
Британската фонографска индустрија (БФИ) побара од британските интернет провајдери да ги исклучат
корисниците кои споделуваат музика сметајќи дека тоа е само поучна
мерка за нивните клиенти да не крадат музика.
Сепак, интернет провајдерите во Велика Британија се жалат затоа што на тој начин ги претвораат во интернет полицајци.
Издавачките куќи извршија притисок врз интернет провајдерите да дејствуваат во насока на спречување на нелегалното симнување на музика лобирајќи за моделот „три шанси“ (сличен на францускиот модел поддржан од Никола Саркози) што би водело до исклучување на оние што нелегално симнуваат материјал од интернет заштитен со авторски права.
Очигледно е дека Британската фонографска индустрија во моментот работи со Вирџин Медија на пробна програма која би почнала да се спроведува за неколку месеци и со која се предвидува испорака на предупредувачко писмо при првиот прекршок, привремена суспензија за вториот, и исклучување на интернет конекцијата при третиот. Британската фонографска индустрија ќе го открива нелегалното симнување на музика од индивидуални сметки и ќе ги предава овие броеви од сметки на Вирџин Медија, кои пак ќе ги поврзуваат со имиња и адреси.
Портпаролот на Вирџин Медија изјави: „Водевме дискусии со организациите на сопственици на права околу тоа како би функционирала волонтерската шема. Сериозно го сфаќаме овој проблем и би поддржале разумно доброволно решение.“
Меѓутоа, интернет провајдерите не го делат истото мислење. Чарлс Данстоун од Карфоун Верхаус, кои го водат ТокТок, третиот по големина интернет провајдер во Велика Британија, го изрази нивниот цврст став против барањата и постапките на Британската фонографска индустрија. Тој смета дека барањата се неразумни и неизводливи и смета дека не е негова работа да биде интернет полицаец.
Тој вели: „Нашиот став е јасен. Ние сме спроводникот кој им овозможува на корисниците пристап до интернет. Ние не го контролираме интернетот, ниту го контролираме она што корисниците го прават на интернет. Не можам да предвидам какви било околности под кои ние доброволно би ги исклучиле корисниците врз основа на наводите на некоја трета странка за сторен прекршок“ додавајќи дека неговата компанија би се борела да ги заштити правата на корисниците, користејќи го законот.
Но БФИ им се заканува на оние што не сакаат да соработуваат наведувајќи дека Владата ќе воведе легислатива со која ќе им се наметне да соработуваат. Главниот извршен директор на БФИ Џеф Тејлор изјави: „Веруваме дека секој општествено одговорен интернет провајдер треба, како суштински дел од неговиот бизнис, да воведе чекори со кои би им се помогнало на корисниците да избегнат навлегување во нелегални активности, и да ги спречи оние кои свесно го кршат законот. (...) Ова не е време за натамошно одложување од страна на интернет провајдерите. Владата ја согледува фрустрацијата на креативната заедница поради неуспехот на интернет провајдерите да преземат нешто.“
Британската влада се очекува да пронајде начини за законско спроведување на политиката предложена од издавачките куќи. Во февруари 2008 г., владата изјави дека доколку интернет провајдерите не се договорат доброволно со музичката и филмската индустрија до април 2009 г, таа ќе воведе легислатива со која ќе се регулира тоа прашање. Според извори од овие индустрии, во април 2008 г., Секторот за бизнис, претпријатија и регулативна реформа ќе објави консултантски труд за предложените законски мерки.
Друга европски чинител протестира против францускиот модел на 3 прекршоци. Шведскиот европарламентарец Кристофер Фјелнер и поранешниот премиер на Франција, Мишел Рокард, предложија нов амандман на Боно извештајот на Европската унија за Културните индустрии со кој се осудуваат сите мерки преземени од Европската унија или земјите-членки, кои се косат со: „граѓанските слободи и човекови права и со принципите на пропорционалност, ефективност и разубедување, како што е прекинувањето на интернет пристапот“.
Policing internet 'not ISP's job' (4.04.2008)
http://news.bbc.co.uk/2/hi/technology/7329801.stm
Virgin Media takes fight to illegal downloaders (2.04.2008)
http://www.telegraph.co.uk/money/main.jhtml?xml=/money/2008/03/30/cnvi...
Virgin Media to begin penalizing users for illegal downloads (31.03.2008)
http://www.betanews.com/article/Virgin_Media_to_begin_penalizing_users...
EDRi-gram: UK Government continues to pressure ISPs for Internet filtering
(16.01.2008)
http://www.edri.org/edrigram/number6.1/uk-isp-filtering
EU Politicians Strike Back Against Three Strikes (7.04.2008)
http://www.eff.org/deeplinks/2008/04/eu-politicians-strikes-back-again...
Извор: ЕДРи-грам: "UK: ISPs are not the Internet cops" број 6.7, 9 април, 2008.
(3971 hits/посети) |