| Едукативен семинар во Охрид |
|
|
|
| 06.05.2008 |
|
На 6, 7 и 8 мај, во хотелот „Климетица“ во Охрид ќе се одржи
едукативен семинар како дел од активностите предвидени во проектот
CRISP (Заштита и безбедност на децата и нивните права на интернет) чиј носител е „Фондацијата Метаморфозис“, а го спроведува во партнерство со „Меѓаши“.
Семинарот ќе го проследат околу 40 учесници, претставници на НВО-ии и претставници од повеќе основни и средни училишта од Македонија. Целта на семинарот е да го обезбеди потребното ниво на едукација од областа на заштитата на децата на интернет, заштитата на личните податоци, како и на детските права воопшто, што треба да резултира со квалитетни презентации низ училиштата кои целосно ќе ги спроведат едукаторите-учесници на семинарот. Исто така, предвидено е формирање на мрежа од невладини организации која ќе се бави со оваа проблематика и во иднина, а не само за времетраење на презентациите во училиштата.
Првиот ден, учесниците на семинарот ќе имаат можност, пред сè, да се запознаат со проектот, целите кои со него треба да се постигнат и нивната улога во него. Вториот ден е резервиран за едукативните сесии кои ќе ги водат: Гордана Пирковска Змијанац и Драги Змијанац од „Меѓаши“ кои ќе имаат работилница за правата на децата, Елена Стојановска од „Дирекцијата за заштита на личните податоци“ и Ирина Шумадиева од „Метаморфозис“ која ќе одржи серија едукативни презентации за безбедноста на децата на интернет. Последната сесија ќе ги истакне клучните прашања со кои се занимава овој проект, и тоа оние кои се важни од аспект на децата, тинејџерите, нивните родители и наставниците во училиштата. Ова се воедно и целните групи на проектот кои треба да се опфатат со презентациите во училиштата и кои едукаторите треба да ги реализираат до крајот на месец мај. Проектот "Заштита и безбедност на децата и нивните права на интернет“ е поддржан од ЕУ. |