|
Управата за телекомуникации не може да пресмета дали ребалансот на цените на разговорот преку „Македонски телекомуникации“ е поголем од дозволеното со формулата од концесискиот договор, па ни да даде согласност на Телеком за воведување на новите цени
Управата за телекомуникации не може да пресмета дали ребалансот на цените на разговорот преку „Македонски телекомуникации“ е поголем од дозволеното со формулата од концесискиот договор. Од таа причина, Управата не може да даде согласност на Телеком за воведување на новите цени и новиот тарифен систем, изјави вчера директорот на Управата за телекомуникации Коста Трпковски, според написот „Телеком пак ја зезна Владата“ објавен во „Вест“.
„’Македонски телекомуникации‘ годинава доставија предлог за ребаланс каде вкупниот процент е негативен, односно минус 1,51 отсто за сите 13 услуги. Контролниот процент за локалните разговори не можеме да го пресметаме, бидејќи немаме споредлива величина. Односно, лани таа величина била еден импулс или 1,38 денари, а годинава земената вредност е една минута или 0.95 денари“, вели Трпковски и потенцира дека немаат систем за компарација.
Покрај ова, со ребалансот Телеком ја намалува цената на приклучокот за телефон од 1860 денари на 1240 денари, како и цената на чинење на меѓународните разговори за максимум 10 отсто. Намалувањето на меѓународниуот импулс не се однесува на цените на разговорите од земјите во првата зона - Србија и Црна Гора, Албанија, Бугарија и Грција. Намалена е и цената на разговор од фиксен на мобилен од 14 на 12 денари. За возврат ја зголемува цената на месечната претплата и тоа, за физичките лица од 340 денари на 355 денари, а за бизнис корисниците од 680 денари на 700 денари. Цената на една минута разговор се предлага да чини 1 денар, а секвенцата од 20 секунди - 0,33 денари.
Од Владата доаѓаат информации дека се против најавениот ребаланс, како што се изјаснија министрите Никола Поповски и Агрон Буџаку, но нема официјално соопштение за тоа дали ќе ја оспорат одлуката на Телекомот. Според „Дневник“, Управата за телекомуникации ќе му испрати на Телекомот предупредувачко известување за да го спречи најавеното ново тарифирање. Министерот Буџаку не прецизираше дали имаат конкретни законски механизми за да ја спречат примената на новите тарифи.
За разлика од Владата, повеќе од 90 граѓански здруженија и голем број на граѓани се вклучија во акцијата на невладината организација НВО Парламент и вчера ги оставија отворени телефонските слушалки од 11 до 13 часот со цел со секојдневно блокирање на телефонскиот сообраќај да се изврши притисок врз раководството на „Македонски телекомуникации“ да не ја зголемува цената на телефонскиот импулс. Од оваа организација најавуваат и мирен протест во понеделник пред зградата на Телеком кога што ќе биде предадена и граѓанската петиција до раководството на компанијата.
Од „Македонски телекомуникации“, пак, сметаат дека новиот тарифен систем е во согласност со регулативата и прописите, бидејќи во минатогодишниот извештај на „Грант Торнтон“, нарачан од Управата за телекомуникации, се препорачува воведувањето на нов тарифен систем. Според директорот за регулатива Дејан Силјановски, со тоа се задоволени сите законски норми, а за операторот Телеком се создаваат услови за подготовки за конкуренцијата. (2567 hits/посети) |