|
Метаморфозис е независна, непартиска и непрофитна фондација со седиште во Скопје, Република Македонија. Нејзини главни цели се развој на демократијата и просперитет преку промоција на економија базирана на знаење и информациско општество.
|
|
Насловна Вести Европската комисија сака попристапни веб-сајтови за лицата со хендикеп
|
|
|
|
Европската комисија сака попристапни веб-сајтови за лицата со хендикеп |
|
|
|
11.07.2008. |
|
15 отсто од Европејците имаат некој вид на хендикеп, и многумина се
соочуваат со бариери како што се читање на текст со ситни букви од
некој сајт или пак не знаат како да пристапат до веб-сајтовите и онлајн
услугите.
Покрај честите апели од Европската унија и владините лидери за подобрување на оваа ситуација, напредокот е сè уште ограничен: поголемиот дел од веб-сајтовите не ги користат универзално прифатените решенија прилагодени кон корисниците.
Европската комисија започна јавно советување околу натамошните мерки за создавање пристапни веб-сајтови во Европа, почнувајќи од оние на јавните администрации, и ги поканува заинтересираните страни да ги дадат нивните мислења. Исто така се осврнува на други технологии како што е дигиталната телевизија. Советувањето е отворено до 27 август, 2008 г.
„Пристапот до веб-сајтови е од суштинска важност за многу граѓани на Европа, но многумина не можат да ги користат поради хендикеп. Сè додека веб-пристапноста не е реалност за сите, многу луѓе ќе ги пропуштаат придобивките од интернетот. Постојат толку едноставни решенија на овие прашања – тогаш зошто толку малку интернет-издавачи всушност ги имплементираат?“ прашува Вивиен Рединг, Комесар на ЕУ за информатичко општество и медиуми. „Колку повеќе луѓе користат интернет, толку подобро за европската економија и онлајн содржините - кои ќе бидат побогати. Апелирам до индустријата за интернет издаваштво и јавните администрации да направат многу поенергични напори за да обезбедат дека интернетот е пристапен за секого. Одговорните треба да запомнат дека за неколку години најверојатно тие ќе бидат меѓу оние што имаат проблеми да читаат од екранот.“
Просечната возраст на европското население рапидно се зголемува и се очекува 25 отсто од вкупното население да ја надмине возраста од 65 години до 2020 г. Постарите луѓе често се соочуваат со тешкотии при користењето на интернет, соочувајќи се со проблеми од типот на неможност да читаат од екранот поради намален вид или да користат глувче поради неподвижност. Едноставните решенија за веб-пристапност ги отвораат сајтовите за луѓето кои без тоа не би можеле да ги користат, и на тој начин го прошируваат опсегот на општественото и економско учество. Решенијата за веб-пристапност вклучуваат:
- зголемување на големината на текстот што го користат прелистувачите
- обезбедување на говор за текстовите на екранот со помошен софтвер
- навигација низ веб-сајтовите со тастатурата наместо со маусот
Пристапните веб-сајтови се често подобри за сите корисници, со или без хендикеп. Основан во 1994 г. со поддршка од Комисијата, конзорциумот W3C дефинира вообичаени спецификации за интернетот, вклучително и Упатства за пристапност на интернет содржините. Сепак, во 2007 г., се утврди дека само 5% од јавните веб-сајтови и помалку од 3% од приватните веб-сајтови во ЕУ се „целосно пристапни“ според овие упатства. Неколку земји-членки (меѓу кои и Австрија, Франција, Италија, Холандија и Португалија) преземаа мерки за подобрување на ситуацијата, на пример со воведување упатства и поставување цели за јавните веб-сајтови. Сепак, таквите пристапи се сè уште недоволно распространети низ ЕУ. Други нови производи ги отсликуваат предизвиците за пристапност кои ги поставуваат веб-сајтовите: на пример проблемите со разбирање и подвижност може да бидат бариера за навигацијата низ електронскиот програмски водич на една дигитална телевизија.
Европската комисија се осврна на пристапноста на нејзините јавни веб-сајтови „Еуропа“ во 2001 (IP/01/1309) и работи во насока на имплементирање на пристапноста. Комисијата моментално го тестира користењето на читачи на екран. Со нив се создава комбинација од говор и/или Браилов аутпут со што им се овозможува на слепите луѓе, на пример, да „читаат“ веб-сајтови (испробајте читач на екран со кликнување на иконата со звучник веднаш до насловот на http://ec.europa.eu/roaming).
Со јавното советување што започна денес ќе се разгледа какви постапки може да преземат земјите-членки за подобрување на веб-пристапноста, и ќе се бара одговор на повеќе генерални прашања за пристапноста на информатичко комуникациската технологија за лицата со хендикеп.
Извор: Europe's Information Society "Commission wants a web that is better enabled for the disabled" 2 јули, 2008.
(2168 hits/посети) |
|