Македонски

Македонија: Јавно неодобрување за новите закони за превентивно прислушкување PDF Печати Е-пошта
29.07.2008
На 24 јуни 2008 г. неколку водечки НВО од областа на човековите права во Македонија објавија реакција до Собранието и Владата на РМ по повод измените на Законот за кривична постапка и предлог-измените на Законот за следење на комуникациите во однос на примената на посебни истражни мерки (сите видови прислушкување).

Фондацијата институт отворено општество – Македонија, Здружението за кривично право и криминологија на Македонија и Хелсиншкиот комитет за човекови права на РМ искажаа загриженост што „без каква било стручна расправа“ по итна постапка се усвојуваат измени во законодавството кои Македонија од правна може да ја претворат „во полициска држава во која нема да се почитуваат основните човекови права и слободи“.

Врз основа на стручна анализа на новите прописи, потписниците на изјавата сметаат дека: „Со овие измени не само што се проширува можноста за примената на специјалните истражни мерки за дела кои не се од сферата на организираниот криминал, туку се предвидува истите нашироко да се применуваат и превентивно, а не само во случаи каде има основани сомневања за тежок криминал и корупција.  Ваквите измени не се во согласност со европските и светските стандарди за почитување на човековите права, ниту се вообичаени како прифатлив метод во борбата со криминалот и корупцијата.

“На сличен начин деновиве се очекува да се донесе и нова верзија на Законот за следење на комуникации кој исто така, ако биде прифатен во формата како што е доставен во Собрание сериозно ќе ги загрози човековите права од областа на приватноста.

Претставниците на НВО секторот побараа на донесувањето на прописи од овој вид да му претходи „широка стручна и научна расправа во институциите на правосудниот систем и цивилното општество со цел во една демократска расправа да се дојде до разумен баланс помеѓу ефикасноста во борбата со криминалот и корупцијата и основното човеково право на приватност.“

Од аспект на развој на информатичкото општество, Фондацијата Метаморфозис исто така искажува загриженост поради недефинирањето на механизми за контрола со кои би се спречила арбитрарна злоупотреба на новите овластувања, како и неисполнувањето на минималните стандарди за јавна консултација со вклучување на сите заинтересирани страни при подготвувањето и усвојувањето на измените. Новите технологии овозможуваат директно влијание и нарушување на приватноста на лесен начин и кај растечки број на корисници во Македонија, па затоа спроведувањето на овој процес на инклузивен и транспарентен начин е особено важен.

Во досегашниот период Метамофозис правеше напори за подигање на свеста кај граѓаните и државните институции за важноста на правото на приватност и сигурност во контекст на примена на информатичко-комуникациските технологии, преку јавни расправи и издавање публикации на тема приватност и информациска сигурност, како и брошурата „Ти одлучуваш“ и веб-сајтот „Безбедно на интернет“ наменети за деца и млади. Метаморфозис е членка на Европската асоцијација за дигитални права – ЕДРИ.

Популарни македонски блогери исто така искажаа загриженост поради  необразложеното драстично зголемување на буџетот за државната безбедност (од 24 милиони на 1,5 милијарда денари) и на измените во Законот за кривична постапка со кои државните органи добија исклучително широки овластувања за примена на специјални истражни мерки, кои опфаќаат следење на комуникациите. Линковите до постови од ваков вид добија висок број на гласови на сервисот за социјално вмрежување Кајмакот.

Влијателниот блог Вуна реагираше на следниот начин : „...го зголемија буџетот на тајната полиција за 60 пати. Никој ништо не образложи. Дали ќе се работи 60 пати потајно, или ќе се следат 60 пати повеќе луѓе, не знам.. тоа е увод во дистописко сценарио.“

Блогерот Волан во свој стил со постот „’Големите уши‘ – легализирани... Големиот Брат гледа и слуша, снима – овојпат легално... “ преку линкови и цитати ги синтетизираше информациите од традиционалните медиуми во врска со измените во Законот за кривична постапка, овозможувајќи основа за дискусија преку коментари во која земаа учество десетици читатели.

Deli.cio.us    Digg    reddit    Facebook    StumbleUpon
 

Наши изданија

ping_logo

Рецензија на сајтови


sajt_na_denot

Creative Commons iconОсвен во случаите каде што не е експлицитно наведено поинаку, содржините на овој веб-сајт се лиценцирани
според лиценцата на Creative Commons Наведи извор-Некомерцијално-Без адаптирани дела 2.5