|
Шведскиот институт за стандарди (SIS) го одобри отворениот формат на документи (ODF) како национален стандард, извести Алијансата за ODF оваа недела.
„Шведска им се придружува на Бразил, Хрватска, Италија, Јужна Кореја и Јужна Африка како земји чиишто органи за национални стандарди формално го одобриле овој стандард“, пишува организацијата за застапување на ОДФ во билтенот од оваа недела. Портпаролот на SIS, Ерика Месинг одобрувањето го нарече „рутина“. SIS беше една од националните организации за стандардизација кои учествуваа во процедурата на Меѓународната организација за стандардизација (ISO) за одобрување на ODF, изјави Месинг. „ISO го одобри ODF во 2006, a сега Шведскиот институт за стандарди го направи национален стандард“. Месинг додава дека сите стандарди може да се користат на доброволна основа. Европските стандарди се задолжителни за имплементација како национални стандарди, но се уште може да се користат доброволно. Во 2007 г., SIS исто така учествуваше во контроверзната процедура на ISO за еден конкурент на ODF – поточно предлогот на Мајкрософт за електронски документи, OOXML. Шведска беше една од земјите во кои се случија нерегуларности во процедурата за OOXML. Извршниот директор на SIS, Ларс Флинк, објаснува дека во август, 2007 г., SIS одлучил да се воздржи од гласање за OOXML во ISO, откако откриле дека некои од членовите на неговиот комитет за OOXML гласале повеќе од еднаш. „Исто така, на денот на гласањето, комитетот на SIS доби меѓу 25 и 27 нови членови, од кои повеќето го поддржуваа OOXML. Во тоа време, нашите правила дозволуваа да се придружуваат членови во последен момент. Сега тие правила се променети“. Од април оваа година, организациите што сакаат да гласаат за стандарди во SIS, мора да бидат членови најмалку три недели, вели Флинк. „Тие мора да бидат дел од комитетот за стандарди кога ги испраќаме документите, што е три недели пред гласањето“. Флинк не знаеше колку од организациите што му се придружија на гласањето за OOXML во последна минута се сè уште членови. „Знам дека некои од нив повеќе не се членови“.
Извор: Open Source Observatory "SE: ODF made national standard in Sweden" 25 септември, 2008. |