Македонски
Германија: Трошоците за одржување на компјутерите со слободен софтвер далеку пониски PDF Печати Е-пошта
Вести - Свет
28.10.2008

Компјутерите со слободен софтвер се далеку поевтини за одржување отколку компјутерите со комерцијален софтвер, вели Ролф Шустер, дипломат во германската амбасада во Мадрид и поранешен шеф на одделот за ИТ во Министерството за надворешни работи.

Шустер беше еден од учесниците во дискусијата за отворени стандарди и интероперабилност која се одржа во вторникот минатата недела, за време на Светската конференцијата за софтвер со отворен код во Малага, Шпанија.

Министерството за надворешни работи врши миграција на сите свои 11.000 системи на ГНУ/Линукс и друг слободен софтвер. Според Шустер, со тоа драматично се намалиле трошоците за одржување во споредба со трошоците на други министерства. „Министерството за надворешни работи има компјутери на многу оддалечени места. Сепак, ние трошиме само илјада евра годишно за еден компјутер. Тоа е далеку помал трошок за разлика од трошокот на останатите министерства, кои во просек трошат повеќе од 3000 евра за еден компјутер годишно.“

Министерството досега префрли речиси четири илјади од своите компјутери на ГНУ/Линукс и очекува да го заврши процесот на миграција до летото во 2009 г., вели Шустер. Околу половина од сите 230 амбасади и конзулати веќе се префрлени на ГНУ/Линукс. „Сепак, се соочуваме со извесни проблеми. Ни требаше време да најдеме програмер во Јапонија за да ни помогне со некои проблеми со фонтовите што ги имавме со апликацијата ОпенОфис.“

„Извршена е целосна миграција кај амбасадите во Јапонија и Кореја, амбасадата во Мадрид го користи исклучиво ГНУ/Линукс од октомври минатата година“, додаде Шустер, означувајќи ја миграцијата за успешна.

Пречка

Во 2001 г., Министерството за надворешни работи започна да врши миграција на своите „бек-енд“ ИТ системи кон софтвер со отворен код за да им обезбеди пристап до интернет и е-пошта на сите амбасади и конзулати. „Нашата стратегија беше да се искористат што е можно повеќе отворените стандарди и софтверот со отворен код. Намалувањето на трошоците беше главната причина за донесувањето на оваа одлука.“ По завршувањето на овој проект, во 2004 г. министерството одлучи да изврши миграција и на десктоп-компјутерите.

Најголемата пречка беше да се убедат двесте лица – ИТ персонал во министерството. „Нивните проблеми не беа од техничка природа. Тие едноставно не знаеја ништо за Линукс и софтверот со отворен код и моравме да им го промениме размислувањето. Ги одведовме на обука за користење на Линукс сервери и конфигурирање на Апачи. Така тие дознаа дека навистина функционира.“

Извор: Open Source Software Observatory and Repository "DE: Foreign ministry: 'Cost of Open Source desktop maintenance is by far the lowest'" 27 октомври, 2008.

 

Creative Commons iconОсвен во случаите каде што не е експлицитно наведено поинаку, содржините на овој веб-сајт се лиценцирани
според лиценцата на Creative Commons Наведи извор-Некомерцијално-Без адаптирани дела 2.5