|
Условите на користење на Facebook се изменети. Сега се што ќе закачите
и објавите на најпопуларната друштвена мрежа користена од повеќе од 150
милиони корисници, може да биде искористено од страна на компанијата не
само додека сте член, туку и по вашето откажување на корисничкиот
профил. Буквално, Facebook може да ја користи вашата содржина...
засекогаш!
Досега, правилата и условите гласеа дека откако ќе го откажете својот профил, сите стекнати права над содржините кои ги имате објавено истекуваат. Но последната промена на 4 Февруари над овие правила носи големи промени, а остранети се и неколку клучни делови.
Facebook ги има правата над вашите содржини, засекогаш!
Најважниот дел кој недостасува (проверете ја претходната верзија на правилата на WebArchive) гласи:
"Можете да ги отстраните корисничките содржини од сајтот во било кое време. Доколку решите да ги отстраните вашите содржини, доделените лиценци и права автоматски ќе бидат отстранети, но истовремено се согласувате дека компанијата може да искористи архивирани копии од вашата содржина."
Не дека претходната полиса е нешто подобра, но барем некаде наведуваше дека лиценците истекуваат автоматски. Сега, стекнатите права на Facebook над корисничките содржини НЕ истекуваат никогаш.
Колку да ви биде појасно ова се правила на кои сите членови на друштвената мрежа мора да се согласат при самата регистрација. Правилата истакнуваат дека на секоја содржина што ќе ја објавите на сајтот паралелно и доделувате целосни, не-ексклузивни, неповратливи, целосно платени, глобални права на компанијата која исто така може да додели права за користење на вашите содржини и на трето лице!
Доколку сеуште се прашувате што значи сето ова... Со овие нови права Facebook можат да ги користат, копираат, објавуваат, стримуваат, снимаат, јавно објавуваат, пренесуваат, скенираат, форматираат, модифицираат, изместуваат, преведуваат и адаптираат вашите содржини кога ќе им се посака, независно од тоа дали вие сте и понатаму член на сајтот.
Совет: Бидете внимателни со содржините кои ги објавувате на Facebook и на другите друштвени сајтови.
Надополнување 17.02.2009 (07:14):
Промената на „Условите на Користење“ на Facebook предизвика мала паника и многу негодувања. Затоа Марк Зукерберг, директор и основач на друштвената мрежа, објави блог пост кој ги оправдува овие измени. Еве дел од постот:
„Едно од прашањата за новите „Услови за користење“ е дали Facebook ќе ги користи овие информации засекогаш. Кога некој споделува нешто како на пример порака со пријател, се создаваат две копии од таа порака, едната од личноста која ја праќа и другата во инбоксот на неговиот/нејзиниот пријател. Дури и кога личноста ќе го избрише својот профил, една копија останува кај нејзиниот пријател. Мислиме дека ова е правиот начин за работа на Facebook, и е сличен со тоа како другите сервиси како на пример е-маил работат. Една од причините да ги подобриме „Условите за користење“ е да го разјасниме ова.
...Во реалноста, ние не би ја споделувале таа информација на начин на кој вие тоа не го сакате. Довербата која ја имате во нас, како безбедно место за споделување на информации е најважниот дел од тоа што прави Facebook да постои...“
Истотака имаше и официјално известување од Facebook во кое беа наведени дека лиценцата на Facebook дозволува користење на содржина од корисниците само во рамките на Facebook сервисите.
Сега Facebook има 175 милиони корисници и се повеќе и повеќе се поврзува со други сервиси надвор од друштвената мрежата, и како што напиша Зукерберг „Ова е интересна поента [правото на информации и споделување] во развојoт на отворен онлајн свет и се работи на овие проблеми. Тоа е тежок терен за навигација и ние можеби ќе направиме и некои погрешни чекори, но како водечкиот сервис за споделување на информации ние ги разгледуваме овие проблеми и наша одговорност е сериозно да ги размислиме.“
Сепак советот останува: Бидете внимателни со содржините кои ги објавувате на Facebook и на другите друштвени сајтови.
Надополнување 18.02.2009 (08:45):
Уште еден доказ дека во веб 2.0 светот, корисниците се главни и дека нивниот глас е потребно да се слуша: Зукерберг на блогот на Facebook пред само половина час објави соопштение дека друштвената мрежа повторно се враќа на старите правила и услови за користење кои беа изменети на 4-ти Февруари.
Во постот, тој исто така соопштува дека наскоро ќе бидат претставени нови услови и правила, но сепак позитивната работа е што овој пат создавачот на сајтот ги повика и корисниците да учествуваат во таа процедура и да ги испратат нивните барања и предлози преку групата "Facebook Bill of Rights and Responsibilities."
Искрено, не очекував дека толку брзо ќе се одвиваат работите со овој проблем, но најверојатно Facebook сериозно се подзамислил откако вчера една од најголемите организации за приватност Electronic Privacy Information Center (IPIC) предупреди дека ќе поднесе тужба против сајтот.
Автор: Дамјан Арсовски
Извор: IT.com.mk "Надополнето: Facebook се врати на старите правилa" 18 февруари, 2009.
|