| Компензација во Советот на општина Кисела вода |
|
|
|
| 10.03.2009 |
|
Советниците на Кисела Вода едногласно одлучија да не земат надоместок за присуство на седници за јануари, февруари и за март, а како компензација да си ги присвојат општинските компјутери.
Советниците од Општина Кисела Вода се откажаа од паушалите од по 9.600 денари месечно за присуство на седници за јануари, февруари и за март, но за возврат изгласаа да си ги присвојат општинските компјутери. Тие вчера едногласно, без дискусија, ја донесоа предлог-одлуката и си обезбедија услови, по завршување на четиригодишниот мандат во Советот, компјутерите да си ги однесат дома.
Градоначалникот на Општина Кисела Вода Џорџе Арсов вчера, избезумен од ваквата одлука, ја напушти седницата на Советот. Тој е против оваа одлука и најави дека ќе направи се за да го заштити општинскиот имот. Електронскиот совет во Кисела Вода се воведе во мај минатата година и секој советник доби лаптоп Е510, односно беа набавени 23 компјутери. Од Општината вчера никој не сакаше да каже колку точно чинеле лаптопите, со објаснување дека се во шок. За разлика од нив, советниците по седницата се опуштија. Сите заедно отидоа на ручек во кафеана да прослават за одлуката. (М.Ѓ.) Извор: Вест „Си ги присвоиле лаптопите место паушали“ бр.2611, 28 февруари, 2009. |