|
Метаморфозис е независна, непартиска и непрофитна фондација со седиште во Скопје, Република Македонија. Нејзини главни цели се развој на демократијата и просперитет преку промоција на економија базирана на знаење и информациско општество.
|
|
Насловна Вести Прилепчанче ја "нападнало" Хирошима
|
|
|
|
Прилепчанче ја "нападнало" Хирошима |
|
|
|
12.01.2005. |
По барање на Интерпол од Токио, МВР го откри хакерот што влегол во компјутерскиот систем на познатиот јапонски универзитет
Малолетник од Прилеп си поиграл со компјутерскиот систем на националниот универзитет во Хирошима, Јапонија, но тој нема кривично да одговара бидејќи не предизвикал штета, дознава "Дневник".
Со ова македонската полиција го реши случајот со хакерот по кој трагаше јапонската полиција. Како што претходно информиравме, Интерпол од Токио неодамна побара од своите колеги во Македонија да спроведат истрага за случај во кој Македонец влегол во компјутерски систем во Јапонија.
Во документите на Интерпол има конкретни податоци за начинот како Македонецот успеал да го "нападне" Универзитетот во Хирошима. Полицијата не го соопштува идентитетот на хакерот, бидејќи станува збор за малолетник.
Јапонски систем-инженер за безбедност од Универзитетот открил дека хакер се обидел да ги пробие шифрите на информатичкиот систем на универзитетот. Хакерот набргу бил откриен благодарение на отсекот за Информатичка и форензичка технологија во МВР, специјализиран за вештачење на компјутерска опрема искористена за извршување криминал. Детето било откриено со следење на електронските трагови кои ги оставил додека се обидувал да навлезе во компјутерскиот систем.
Според членот 251 од македонскиот Кривичен закон навлегувањето во компјутерски систем подлежи на законска санкција. Откако бил откриен, хакерот бил повикан во УВР Прилеп на испрашување за да се откријат мотивите за неговиот "упад". Бидејќи станува збор за малолетник кој не направил сериозна штета, македонскиот хакер поминал само со опомена да не си игра со компјутерите. (3335 hits/посети) |
|