| Младите ентузијасти невидливо ја вмрежија Македонија |
|
|
|
| 21.06.2005 |
|
Во Скопје, во Велес, во Битола и во повеќе градови во Македонија младите ентузијасти вљубени во можностите на информатичката технологија, невидливо ги вмрежуваат своите компјутери
Во Скопје, во Велес, во Битола и во повеќе градови во Македонија младите ентузијасти вљубени во можностите на информатичката технологија, невидливо ги вмрежуваат своите компјутери. Безброј игри и податоци, меѓусебна комуникација, па дури и отворена врата до Интернет се само дел од можностите што ќе ги добиете со едноставна инсталација на безжичен рутер, антена и мрежна картичка. Познавачите велат дека преку безжичното поврзување се отвора можност корисниците на мрежата да имаат пристап и до Интернет само ако еден од нивните сомрежници во својот дом користи АДСЛ (широкопојасна врска со интернет). Безжичните врски најчесто се користат помеѓу згради, додека во рамките на една зграда мрежите најчесто се базираат на поврзување со кабли. Можно е и комбинирано поврзување во сите комбинации. Јован Петров, уредник на невладиниот веб-портал „Манго онлајн“ вели дека во Македонија, безжичната технологија за мрежно поврзување на компјутерите се користи одамна. - Има млади луѓе во повеќе градови во Македонија што се вљубеници во оваа технологија. Тие ги поврзуваат своите компјутери и на тој начин комуницираат, создаваат бази на податоци, играат мрежни игри и се забавуваат. Се што е потребно за поврзување се безжичен рутер, еден вид приемник на сигналот, мрежна картичка и, се разбира, антена - вели Петров. Во Македонија се продаваат сите потребни елементи за безжично поврзување. Се што ви треба се безжичен рутер кој ќе ве чини најмногу до 80 евра, мрежна картичка по цена од 20 до 25 евра и антена за прием на сигналот. Нашите ентузијасти често знаат и самите да ги направат антените по шеми што ги симнуваат од Интернет. Во информатичката компанија „Нико компјутери“ велат дека во нивните продавници се продаваат сите потребни елементи за безжично мрежно поврзување. - Нашата фирма ги продава рутерите на фирмата „Д-линк“. Тие чинат од 70 до 80 евра и продажбата оди одлично. Исто така, продаваме и мрежни картички. Можностите на оваа технологија за мрежно поврзување се одлични. Привлечноста на мрежите е голема бидејќи преку овој сигнал се овозможува пристап до Интернет-мрежата и тоа со релативно задоволителна брзина - велат во „Нико-компјутери“. Една од првите безжични мрежи во Скопје е онаа што ја промовира невладината организација „Гајтанлес“. На нивниот веб-сајт можете да ги добиете сите потребни информации како да се поврзете на оваа мрежа. Овие скопски компјутерџии успеале во повеќе населби да постават пристапни станици што го емитуваат сигналот до членовите на организацијата. - „Гајтанлес“ е непрофитна невладина организација што има цел да ја развива безжичната технологија во Македонија, бидејќи сметаме дека таму е иднината. Ние вложуваме сопствени средства, а членството чини само илјада денари годишно, што не е доволно ниту за одржување на мрежата. Главна цел ни е да формираме мрежа која ќе биде независна од кој било комуникациски или интернет-провајдер. Мора да се напомене дека НВО „Гајтанлес“ не работи како интернет-провајдер - пишува на сајтот на организацијата. Во моментов членовите на „Гајтанлес“ преку мрежата имаат можност за аудио- и видеокомуникација, размена на податоци и мрежно играње. Момците од оваа организација се децидни дека оваа мрежа не е медиум за некој да заработува пари. - „Гајтанлес“ се гради од чист ентузијазам и поради тоа ние на корисниците не им гарантираме техничка поддршка 24 часа во денот во текот на целата седмица - велат во организацијата. Безжичното поврзување има широк замав и во соседните земји. Во Белград, НВО „Центар за развој интернета“ функционира како суппровајдер, односно посредник за пристап на Интернет помеѓу нивните корисници и неколку интернет-провајдери и преку тоа има постигнато одржливост. Загреб го покрива организацијата „ЗГ Вајерлес“, кои функционираат на сличен начин како Гајтанлес и имаат мрежа од речиси сто „јазли“. |