| На Интернет се тргува со името Република Македонија |
|
|
|
| 04.11.2005 |
|
Британската компанија „Вебсајт брокерс лимитед“ од 1999 година е сопственик на интернет-доменот „republicofmacedonia.com“ и е спремна да го изнајми или да го продаде доменот што го носи нашето уставно име. „Време“ се обиде да ја дознае продажната цена, меѓутоа од компанијата не одговорија колку чини оваа веб-адреса. На официјалната веб-страница на оваа компанија, која се занимава со веб-дизајн и регистрација на домени, пишува дека сите интернет-домени што се нејзина сопственост не се на продажба. Меѓутоа сопствениците на веб-страницата www.websitebrokers.co.uk нагласиле дека се спремни да го продадат или да го изнајмат доменот ако се работи за регистрација на сајтови што се генерички или географски поврзани со одредена земја. Британската компанија има сопственост врз овој домен до февруари 2006 година по што истекува периодот предвиден со регистрацијата. „Време“ пишуваше дека сопственик на доменот мацедониа.цом повеќе од десет години е грчката непрофитна организација „Паневропска мрежа“. На нејзината веб-страница, оваа организација се претставува како официјален веб-сервер за Македонија на кој се нудат содржини од историјата, културата, спортот, туризмот и од секојдневниот живот во Грција. Фактичката состојба на глобалната мрежа покажува дека ако на пребарувачот го впишете името Македонија ќе се излистаат илјадници веб-страници, а во најголем број од нив ќе налетате на грчка, бугарска или на албанска пропаганда со која се порекнуваат нашето минато, култура и јазик. Сепак, во нашата држава ниту една институција не се грижи за промоција и за заштита на нашето име на Интернет. Македонската академска научноистражувачка мрежа (МАРнет), организација при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, која е одговорна за раководење на доменот „мк“, наплаќа по 10 евра за регистрација на веб-адреса под овој домен. Слични се цените и за меѓународна регистрација на веб-адреси и се од 15 евра нагоре во зависност од екстензијата на доменот. „Време“ пишуваше дека проблемот со „дивата“ регистрација на името на една држава не е само проблем на нашата земја. Светските искуства покажуваат дека извесна компанија „Вирчуал кантрис“ од Сиетл контролира повеќе од 30 домени на Интернет наречени според имињата на некои земји. Оваа компанија го продала доменот со името на Нов Зеланд на Владата на оваа држава со пријава дека за тоа наплатила еден милион долари. Истата компанија побарала и 10 милиони долари од Владата на Јужна Африка, која побарала од „Вирчуал кантрис“ да и биде вратен доменот southafrica.com. Овие податоци покажуваат дека станува тренд земјите во светот поради националните чувства жилаво да се борат и да плаќаат поголеми суми за повторно да станат сопственици на домените со нивното име. Иан Браун, експерт за информатичко општество Привлечете ги странците, игнорирајте ја пропагандата - Во Обединетите нации се дебатира дали државите треба да имаат право да ја контролираат експлоатацијата на нивните имиња на Интернет, меѓутоа нема епилог на оваа дебата. Не верувам дека македонската влада е толку моќна за да влијае кај одговорните во Интернет-корпорацијата на доделени имиња и броеви (ИКАНН) за да се спречи оваа појава - вели Браун. Според него, единствен начин да им се парира на грчката, на бугарската и на албанската пропаганда е на интернет-мрежата да се понудат квалитетни веб-страници со нови содржини за Македонија. - Постојат земји како Нов Зеланд каде што Владата за големи пари ги откупи домените што го носеа името на ова земја. Сепак, сметам дека треба да ја игнорирате пропагандата што преку Интернет се шири за вашата земја и да пласирате содржини за Македонија со кои ќе ги привлечете странците да дојдат во вашата земја - вели Браун. Време |