Метаморфозис е независна, непартиска и непрофитна фондација со седиште во Скопје, Република Македонија. Нејзини главни цели се развој на демократијата и просперитет преку промоција на економија базирана на знаење и информациско општество.
НасловнаВести „Моторола“ ја покри Македонија со безжичен интернет
„Моторола“ ја покри Македонија со безжичен интернет
Американската компанија „Моторола“ објави дека поставила опрема во Македонија со која земјава е целосно покриена со безжична широкопојасна мрежа за пренос на интернет, глас, слика и податоци.
Опремата од светски признаената компанија „Моторола“ е набавена во рамките на проектот финансиран од Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД) во соработка со Министерството за образование и наука. Проектот го реализира интернет-провајдерот Он.нет. Со безжичната мрежа на брз интернет се приклучени 350 основни и 100 средни училишта. На мрежата се поврзани и околу 1.000 фирми. Се смета дека Македонија е првата земја во светот со целосна покриеност со безжична широкопојасна мрежа, бидејќи се опфатени 95 отсто од населението.
Носителите на проектот сметаат дека со вмрежувањето на училиштата се постигнува целосна покриеност на земјата, што ќе има значајно влијание врз економијата во земјава. Интернет-провајдерот Он.нет со безжичната мрежа на граѓаните ќе им понуди брз, квалитетен и евтин интернет-пристап, како во градовите така и во најоддалечените селски подрачја.