|
На 14 декември 2005 година Европскиот парламент дефинитивно ја усвои задолжителната европска директива за задржување на податоците. Парламентот го одобри компромисот што го постигнаа Советот на министри за правда, претставниците на Комисијата и лидерите на социјалдемократската и хритијанскодемократската група во Европскиот парламент. (погледнете во ЕДРИ-Грам 3.24). Конечниот текст одобрен со 378 гласови за, 197 против и 30 воздржани. Двете најголеми партии, ПСЕ (социјалистите) и ППЕ (конзервативците) со големо мнозинство гласаа за – само 39 европратеници на конзервативците гласаа против (10 беа воздржани), додека 24 европратеници од редовите на социјалистите гласаа против (2 се воздржаа од гласање). Зелените/ЕФА и ГУЕ (левицата) гласаа против додека АЛДЕ (либералите) беа поделени – 25 европратеници гласаа за и 37 против (вклучувајќи го и г. Алваро, европратеникот кој го поднесе извештајот). Александер Алваро (либерал) беше толку многу разочаран од процедурата и исходот, што побара неговото име да биде отстрането од извештајот. Потпретседателот на Европската комисија Франко Фратини изгласувањето го окарактеризира како „победа за демократија“ – и компромис на ЕУ, додека г. Алваро изјави: - Со начинот на кој денес ние (Парламентот) гласавме направивме преседан каде што Советот требаше само да каже „скокни!“, а Парламентот викна „колку високо?“. Алваро во голема мера ја критикуваше одредбата која предвидува податоците да се чуваат за период од 6 до 24 месеци, а земјите-членки да имаат можност самите одберат колку време ќе ги чуваат податоците. Фактот што не беа одобрени насоки за надоместок на трошоците носи потенцијална опасност од групирање во единствен пазар на важниот телекомуникациски сектор. Директивата веќе не е ограничена на борба против тероризмот и организираниот криминал, туку сега вклучува и сериозни криминални дејства, дефинирани од секоја земја-членка. Во податоците што треба да се задржат Европскиот парламент ги вброи податоците за локацијата на телефонските повици, СМС и користење на интернет. Тука се вклучени и неуспешните телефонски повици доколку компанијата веќе зачувува такви податоци. Во рок од 18 месеци сите земји-членки на ЕУ треба да го воведат задолжителното задржување на податоци за телефонските и интернет податоците од 6 до 24 месеци. Секоја земја-членка ќе треба да определи на колкав временски период ќе ги задржува податоците. Ратификацијата на национално ниво најверојатно нема да помине вез проблеми затоа што националните закони треба да бидат проверени во националните уставни судови за евентуално прекршување на основните човекови права. Исто така, Ирска најави дека има намера да ја изнесе Директивата пред Европскиот суд на правдата за евентуално прекршување на договорот на ЕК, додека некои европарламентарци имаат намера да ја изнесат пред Европскиот суд за човекови права затоа што на Директивата и недостасуваат соодветни заштитни механизми. Европарламентарката Шарлот Седершилд (ППЕ-Германија) на 15 декември постави прашање до Комисијата кога има намера да започне и да изработи целосна анализа на влијанието на Директивата и дали Комисијата гарантира дека предлогот за задржување на податоците не е спротивен на основните човекови права пропишани со членот 8.2 од Европската конвенција за човековите права и членовите 7 и 8 од Повелбата за фундаментални права. Досега не е добиен никаков одговор. Усвојувањето на Директивата наиде на голем отпор кај граѓанскиот сектор, вклучувајќи ја и кампањата на ЕДРИ во која беа собрани 58.000 потписи против воведување на таква Директива во Европа. Петицијата беше достапна на 21 јазик и беше поддржана од 85 организации и компании. Таа исто така беше критикувана и од голем број организации на потрошувачи како и здруженија од индустријата за електронски комуникации и новинарски здруженија. (ЕДРИ-Грам 3.23) (4106 hits/посети) |