|
Метаморфозис е независна, непартиска и непрофитна фондација со седиште во Скопје, Република Македонија. Нејзини главни цели се развој на демократијата и просперитет преку промоција на економија базирана на знаење и информациско општество.
|
|
Насловна Вести „Телеком Словенија“ за 5,7 милиони евра стана нов газда на „Он нет“
|
|
|
|
„Телеком Словенија“ за 5,7 милиони евра стана нов газда на „Он нет“ |
|
|
|
23.03.2006. |
„Телеком Словенија“ платил околу 5,7 милиони евра за да откупи 76 отсто од капиталот во интернет-провајдерот „Он нет“, соопшти Бојан Дремељ, претседател на бордот на менаџерите на словенечката компанија, откако претставниците на двете компании го потпишаа купопродажниот договор. Со тоа се официјализира влегувањето на словенечкиот телеком на македонскиот пазар на телекомуникации.
„Телеком Словенија“, компанија во која сопственик на околу 75 отсто од капиталот е Владата на Словенија, платил околу 4,7 милиони евра за 60 отсто од капиталот во „Он нет“, кој досега беше во сопственост на инвестицискиот фонд СЕАФ, и околу 1 милион евра за докапитализација на оваа компанија. Дремељ одговарајќи на новинарско прашање информира дека топ-тема во Словенија е претстојната приватизација на телекомот и додаде дека се уште не се знае кога и кому ќе се продава оваа високопрофитабилна компанија.
Предраг Чемерикиќ, директор на „Он нет“,информира дека оваа компанија очекува да прерасне во водечки алтернативен провајдер во фиксната телефонија. Тој очекува „Он нет“ и „Македонски телекомуникации“ најдоцна за 90 дена да го потпишат интерконекцискиот договор и најави дека потоа македонските корисници ќе имаат и втор избор за локални и меѓународни разговори во фиксната телефонија. Дремељ и Чемерикиќ најавија дека „Он нет“ ќе нуди и нови услуги, меѓу кои телевизиски сигнал преку интернет. Двете страни изјавија дека „Телеком Словенија“ нема да го менува името на „Он нет“ и дека во компанијата ќе има нови вработувања.
Владимир Пешевски, генерален директор на СЕАФ, смета дека по речиси една година преговарање, со овој договор се реализира важна странска инвестиција во Македонија, која ќе придонесе за либерализација на пазарот на телекомуникации.
- Пред шест години инвестиравме во еден мал тим со визија за голем бизнис. Се боревме со монополските, административните и пазарните бариери и во тој процес го издигнавме „Он нет“ во лидер на имплементацијата на новите технологии и иновации. По тоа Македонија стана позната како земја целосно покриена со безжичен интернет. Нашиот удел го предаваме на реномиран странски инвеститор, со големо искуство и значење, за кој веруваме дека во „Он нет“ ќе донесе уште поголем развој и ќе ја унапреди конкуренцијата на пазарот - рече Пешевски.
„Он нет“ е компанија со седумдесетина вработени и со интернет покрива околу 40 отсто од бизнис-секторот во Македонија. Лани „Он нет“ оствари приход од околу 4 милиони долари.
Владимир Николоски
Извор: Време
(4771 hits/посети) |
|