|
Метаморфозис е независна, непартиска и непрофитна фондација со седиште во Скопје, Република Македонија. Нејзини главни цели се развој на демократијата и просперитет преку промоција на економија базирана на знаење и информациско општество.
|
|
Насловна Вести Сајбер- сигурност
|
|
|
|
Сајбер- сигурност |
|
|
|
13.04.2006. |
Пред само неколку дена беше отворена македонската веб-страница на БСА - Алијанса на комерцијален софтвер, која се занимава на глобално ниво со растежот на комерцијален софтвер и со заштитата на авторски права на софтвер. Целта на оваа веб-страница е всушност промоцијата на безбеден и легален дигитален свет. Конкретно, нејзината цел е да понуди информации, новости и податоци за софтверската пиратерија и да им даде поддршка на новите технологии кои би требало да ја унапредат дистрибуцијата на авторски дела на законски, а не на незаконски начин.
Потребата е јасна - софтверската пиратерија е многу распространета и, како што се зголемува користењето на компјутерите и интернетот, така и таа е во постојан пораст. Новите можности кои ги нуди интернетот, за жал, сé повеќе ја олеснуваат кражбата на софтверот, а сето тоа е закана, како за иновациите, така и за приходите кои интернетот може да ги обезбеди. Токму затоа, македонската БСА, која е членка на светската (основана 1988 со програми во 65 земји) ги поучува корисниците на компјутери за авторското право на софтверот и за информатичката безбедност, а веб-страницата сето тоа го олеснува и го прави достапно на сите.
Како што ни рече Валентин Пепељугоски, застапник на БСА, сето тоа, можноста да се запознаат со новините во областа на заштитата на авторското право на софтверот, можноста да се запознаат со видовите на софтверска пиратерија и со активностите на државните органи, што ги нуди оваа страница, ќе им овозможи на корисниците да ги избегнат проблемите со илегалниот софтвер. Покрај тоа, посетителите можат да се запишат на оваа страница за да примаат информации, но и најновите статии и истражувања од оваа област во земјава и во странство, а исто така и да најдат податоци и антипиратски информации за сите земји во кои БСА има свои програми со оглед на тоа дека оваа веб-страница е поврзана со линк со веб-страниците на БСА во другите земји. Бидејќи БСА е, како што пишува на оваа страница, гласот на светската индустрија на софтвер, хардвер и интернет, а нејзините бројни членки ги претставуваат индустриите со најголем пораст во светот.
- Пиратеријата кај софтверот - нагласува Пепељугоски - продолжува и станува најголем светски предизвик. Така на пример, на оваа веб-страница може да се прочита дека во 2004 година 35 проценти од софтверот инсталиран на персоналните компјутери во светот бил пиратиран, што е за еден процент намалено во споредба со 2003 година. Загубите од пиратеријата, во светски рамки, се зголемиле од 29 милијарди на 33 милијарди долари. Но, состојбата е уште пострашна кога станува збор за нашата земја. Како што беше кажано на дводневната обука, која во Скопје неодамна ја организираше КАРДС програмата, а чија цел беше обука на стручни лица и изградба на инфраструктура за спроведување на заштитата на правата од интелектуална сопственост, ако софтверското пиратство на глобално ниво е 39 проценти, тогаш во Македонија тоа речиси е дупло, односно изнесува 72 проценти. - Впрочем, тоа и не е ништо ново, бидејќи познато е дека Источна Европа е лидер кога станува збор за софтверскиот криминал. Кога пиратеријата би се намалила за 10 проценти тоа би значело 1,5 милиони нови работни места во светски рамки, а во Источна Европа 50.000 вработувања - не потсети Пепељугоски на тоа што беше кажано на споменатата дводневна обука.
Во Македонија факт е дека состојбата е поразителна кога говориме за пиратеријата воопшто, а одговорот зошто е тоа така, што беше исто така посочен на оваа обука, гласеше дека во неа недостига концепт, дека недостига програма и заедничка координирана акција. Дека сé се сведува на поединечни акции кои не можат да ги постигнат вистинските резултати бидејќи оставаат впечаток на нешто што се работи инцидентно.
Токму затоа, оваа веб-страница на македонски јазик е од особено значење, бидејќи дава можност за увид во состојбата и за наоѓање начин, за оние кои се занимаваат со ова, да се заштитат и да ги намалат барем донекаде поединечните штети. Имено, оваа веб-станица ги поучува посетителите дека софтверот е заштитен со авторско право и дека според законот тој може да се заштити во кривична, но и во граѓанска постапка. Им нуди можност да дадат и да примат информации, да пријават пиратерија, и покрај поддршката на новите технологии им дава и сигурност во нивното обезбедување, што е од големо значење за поттикнување во нивната работа. Бидејќи, ако не сте сигурни дека можете да го заштитите својот интелектуален имот, тоа се заканува како на работата и унапредувањето на него, така и на инвестициите во други земји. Сигурноста дава огромен поттик особено со промоцијата и обидот да се обезбеди сајбер сигурност, безбеден и легален он-лајн свет, во кој впрочем и самите корисници можат и треба да имаат удел.
Сунчица Уневска Извор: Утрински весник
(4989 hits/посети) |
|
|
Реклами
|