|
Метаморфозис е независна, непартиска и непрофитна фондација со седиште во Скопје, Република Македонија. Нејзини главни цели се развој на демократијата и просперитет преку промоција на економија базирана на знаење и информациско општество.
|
|
Насловна Вести Владата пред избори ќе ги продава акциите во Телекомот
|
|
|
|
Владата пред избори ќе ги продава акциите во Телекомот |
|
|
|
19.04.2006. |
Владата пред почетокот на изборната кампања ќе продаде на берза 45,1 отсто од акциите што ги поседува во „Македонски телекомуникации“, за кои очекува да добие најмалку 275 милиони евра. На Македонската берза ќе се понудат четири пакети од по 9,9 отсто акции за финансиски инвеститори, а 5,5 отсто од акциите ќе се понудат на слободна продажба. Владата ќе задржи за себе 2 отсто од државните акции во Телекомот.
Почетната цена ќе изнесува 6,35 евра за акција. Таа е одредена според процена на вкупниот капитал на Телекомот направена по финансискиот биланс од 2005 година и деловниот план за годинава. Процената ја направила консултантската куќа „Б и Љ“, според која капиталот на Телекомот вреди 609 милиони евра.
- Државата нема намера да остане голем акционер во „Македонски телекомуникации“, зашто таа треба да го регулира телекомуникацискиот пазар, а се очекува конкуренција во оваа дејност - изјави Фатмир Бесими, министер за економија.
Продажба на државните акции во телекомот бараа Европската Унија, Светска банка и Меѓународниот монетарен фонд, кои ја притискаа Владата да се ослободи од уделот за да се создадат услови за либерализација на телекомуникацискиот пазар, од што корист би имале граѓаните.
Владата допрва ќе решава дали четирите пакети ќе ги понуди на берза одеднаш или постепено. Еден купувач ќе може да купи само еден пакет, но нема да биде забрането подоцна да го продаде пакетот на друг сопственик на пакет акции. Засега не е утврдено за што ќе се трошат парите. Министерот Бесими очекува продажбата на акциите да заврши до почетокот на предизборната кампања, за во која е забрането да се отуѓува државен капитал.
- Продажбата на акциите на берза е најтранспарентна постапка, и може да се добие најконкурентна цена. Пакетите акции нема да му се нудат на однапред познат купувач. Продажбата ќе се најави и во странски медиуми за да се предизвика интерес кај меѓународните компании. Со понуда на 5,5 отсто од акциите на слободна продажба идејата ни е да овозможиме секој заинтересиран граѓанин да може да купи акции во Телекомот - рече Бесими.
Ваквото расцепкување на државниот капитал во телеком е поради неколку ограничувања во акционерскиот договор меѓу Македонија и „Маѓар телеком“. Владата не смее да му продаде одеднаш повеќе од 10 отсто од капиталот во телекомот на еден купувач без да добие согласност од Унгарците. Акциите не смеат да и' се продадат ниту на компанија што е конкурент на „Маѓар телеком“.
Министерот Бесими соопшти дека на владината седница не било расправано дали двата отсто што ќе останат државна сопственост ќе им бидат дадени на вработените во телекомот.
Судот неодамна пресуди дека вработените немаат право на два отсто од акциите за кои владата на Љубчо Георгиевски донесе одлука за распределба во август 2002 година. Образложението на судот е дека одлуката не е извршна, зашто не била објавена во „Службен весник“. Овие акции на вработените им се загарантирани со акционерскиот договор на Република Македонија со „Маѓар телеком“.
Марјан Блажевски
Извор: Дневник
(4925 hits/посети) |
|