|
Метаморфозис е независна, непартиска и непрофитна фондација со седиште во Скопје, Република Македонија. Нејзини главни цели се развој на демократијата и просперитет преку промоција на економија базирана на знаење и информациско општество.
|
|
Насловна Вести Малолетниците – порносурфери
|
|
|
|
Малолетниците – порносурфери |
|
|
|
5.06.2006. |
|
Во Македонија нема пропишани стандарди за работа на интернет-услуги поради што нема законски пречки малолетници да разгледуваат порностраници во интернет-кафулиња. Немањето соодветна регулатива и непочитувањето на светските прописи, исто така, се причина корисниците на интернет да немаат никаква заштита на личните податоци.
- Никој не контролира дали има прекршоци, дали објектите имаат посебна соба за деца, дали компјутерите се опремени со филтри за порносајтови – вели Филип Стојановски од фондацијата за развој на информатичкото општество „Метаморфозис“ од Скопје.
Интернет-кафулињата, додава тој, немаат никаква обврска да ја штитат приватноста на нивните муштерии, бидејќи нема закон со кој се регулира оваа дејност. [Интернет-кафулињата се регистрираат според Законот за игри на среќа (н.з.)]
- Сопствениците на кафулињата не преземаат никакви обврски за заштита на приватноста на корисниците. Во случај на злоупотреба на приватноста, корисниците немаат кому да се обратат. Постојат програми што снимаат сé што се внесува во компјутерот, но никој не им гарантира на муштериите дека се заштитени од такво нешто – вели Стојановски.
Сопствениците на интернет-кафулињата ги отфрлаат обвинувањата и велат дека податоците на муштериите се заштитени, а вработените во нивните локали надгледуваат какви содржини „отвораат“ посетителите кои се помлади од 18 години. Некои од нив се обидуваат и физички да ги одделат малолетниците од муштериите што посетуваат порносајтови.
- Работиме со програмата „Сајбер кафе“ која не му дозволува на гостинот да ги види податоците на тој што работел пред него, дури ни датотеките во „кошничката за отпадоци“. Што се однесува до малолетниците, морам да признам тешко ни оди – вели Томислав Рилков, сопственик на интернет-кафулињата „Ајвар“ од Скопје.
Во едно од неговите кафулиња, како што вели, обезбедиле посебна просторија за луѓе што посетуваат порносајтови, но во другото нема доволно простор поради што останува да ги надгледуваат малолетниците.
Стојановски смета дека за да се воведе ред во оваа дејност и за да се заштитат посетителите на јавните интернет-кафулиња [кои се регистрираат според Законот за игри на среќа (н.з.)] што поскоро треба да се донесе закон или да се допрецизира Законот за информатичко општество, кој е предвиден со Националната стратегија за информатичко општество.
Владимир Апостолов
Извор: Шпиц
(6515 hits/посети) |
|