|
На 26 мај 2006 г. Апелацискиот суд во Калифорнија донесе одлука дека онлајн новинарите и блогерите имаат исти права како и другите новинари да ги заштитат своите извори. Случајот беше изнесен пред суд од страна на компанијата Епл компјутери (Apple Computer) која бараше неколку оператори на веб-сајтови со вести да ги откријат изворите на доверливи информации кои биле објавени за некои производи.
Првостепениот суд прво одлучил во полза на Епл, но Апелацискиот суд ја променил одлуката со образложение дека обвинетите се заштитени со калифорнискиот закон известувачки штит, како и со уставната привилегија против откривање на доверливи извори.
Главната поента во случајот беше дали авторите на написите ја заслужуваат заштитата од Првиот амандман и дали веб-сајтовите можат да се сметаат за „весник, списание или друга периодична публикација“ како што е наведено во законот.
Одлуката на Апелацискиот суд во Калифорнија се смета за огромна победа на слободата на печатот.
– Ова е победа за правата на новинарите, без разлика дали се онлајн или офлајн новинари, и претставува победа за целата јавност – изјави Курт Опсал, адвокатот на фондацијата Електронска граница, група која ги застапуваше новинарите. – Таа го заштитува слободниот проток на информации до печатот и од печатот до јавноста.
Од Репортери без граници додаваат:
- Одлуката на Апелацискиот суд во Калифорнија претставува историски чин бидејќи им дава нова легитимност на блогерите. Иако немаат новинарски пропусници, тие во иднина ќе имаат право на место во светот на вестите и информациите.
Случајот го покажа недостигот од преседани во Велика Британија за заштита на новинарите. Законот за непочитување на судот од 1981г. е еквивалентен закон кој ги заштитува новинарите и иако законот не обезбедува апсолутна заштита на изворите, судот треба да процени дали барањето за откривање на изворите е во интерес на јавноста, правдата или е во национален интерес поништувањето на основната претпоставка на заштита на изворите. Последните случаи имаа тенденција да го сочуваат правото на новинарите да ги заштитат своите извори.
Џон Мекензи, адвокат и партнер во правната фирма Принсент Масон смета дека законот за непочитување на судот е доволно широк за да ги опфати операторите на вести објавени на интернет, блогови или друг нов медиум.
Одлука во случајот Епл против Дас (20.05.2006)
Голема победа за заштитата на изворот на онлајн новинарите (26.05.2006)
Судската одлука која ги штити изворите на блогерите окарактеризирана како историска (30.05.2006)
Најверојатно и блогерите во Велика Британија ќе бидат отпорни на Епл (01.06.2006)
(5135 hits/посети) |