|
Ова беше мотото на швајцарскиот симпозиум за Управување со интернетот одржан на 7 јули 2006 г. на ЕТХ во Цирих. Инспириран од меѓународните напори за составување Форум за управување со интернет, симпозиумот во Цирих беше во организација на ЕТХ Цирих, водечки швајцарски технички универзитет, и Свич (SWITCH), непрофитен интернет-провајдер од Швајцарија основан од Швајцарската конфедерација и 8 универзитетски кантони, кој првенствено служи за академски цели. Исто така, конференцијата беше поддржана од голем број организации за човекови слободи, вклучувајќи ја и Швајцарската група на интернет-корисници (Swiss Internet User Group - SUIG), којашто е членка на ЕДРИ.
По воведното обраќање од професорот Бернард Платнер (кој беше задолжен за швајцарскиот код на земја - домен од највисоко ниво (TLD ch.) за време на пионерската фаза на интернетот во Швајцарија, додека не ја предаде надлежноста на Свич), г. Маркус Кумер, извршен координатор на Секретаријатот на Форумот за управување со интернетот, зборуваше за Форумот и „што тој би можел да биде“.
Г. Кумер изјави дека почетоците на јавниот дијалог меѓу чинителите е резултат на Светскиот самит за информатичко општество. Тој рече дека „Светскиот самит за информатичко општество зближи два света“, „свет на влади“ од една страна и интернет-заедницата, приватниот сектор и граѓанското општество од друга страна. „Двете страни признаа дека има полза од нивните меѓусебни разговори и дискусии околу прашања поврзани со јавната политика“. Светскиот самит за информатичко општество го покани Генералниот секретар на Обединетите нации да основа нов форум за дијалог меѓу чинителите – Форумот за управување со интернетот. Постојат различни очекувања за тоа што би требало да претставува Форумот за управување со интернетот, иако е јасно дека тој не е нова организација, не е тело што одлучува и нема дефинирано членство. За првата средба на Форумот што ќе се одржи оваа есен во Атина, темата „Управување со интернетот за развој“ беше одбрана како општа тема со четири тематски единици на кои ќе се дискутира: отвореност, безбедност, разновидност и пристап. Во завршниот дел, г. Кумер истакна дека меѓународната координација не функционира без координација на национално ниво. Според тоа, Дијалогот меѓу чинителите на национално ниво е еден предуслов за успешноста на Форумот за управување со интернетот.
Потоа Јакоб Линдемаер од ЕТХ, Цирих и Дизајн за сите презентираше пример за тоа како дијалогот меѓу повеќе чинители може да доведе до конкретни резултати во полето на е-Инклузивност – избегнување бариери на веб-сајтови кои ги спречуваат старите и луѓето со хендикеп да пристапат на некој веб-сајт и да ги користат неговите функционалности.
По презентацијата на г. Линдемаер следеа три презентации за перспективите на Форумот од трите групи на главни чинители. Лин Амор од ИСОК зборуваше за перспективите на ИСОК и приватниот сектор. Томас Шнајдер од Баком (швајцарска владина агенција за комуникации) ја претстави перспективата на швајцарската влада. Волф Лудвиг од comunica-ch.net беше претставник на граѓанското општество и го нагласи силниот контраст за време на процесот на Светскиот самит за информатичко општество меѓу оние области во кои граѓанското општество беше исклучено од дискусиите (и иако граѓанското општество даде свој придонес, тој беше игнориран и немаше никакво влијание) и Работната група за управување со интернетот кој претставуваше вистински процес со повеќе чинители во кој граѓанското општество имаше можност да учествува.
По разговорите за Форумот за управување со интернетот како целина се направи обид за одржување панел дискусии на две теми. Првата беше регулативата за приватност и безбедност во врска со РФИД, мобилната телефонија и безжичната комуникација воопшто. Втората тема беше поврзана со планираната ревизија на швајцарскиот закон за авторски права – дали авторските права треба да бидат слободно дозволени или треба да постојат строги правила и казни?
За жал, по презентирањето на неколку различни гледишта, не остана време за вистинска дебата.
Сепак, вистинска дискусија се разви за време на последната точка од програмата на средбата на голем број луѓе заинтересирани за можниот придонес на швајцарскиот граѓански сектор за Форумот за управување со интернетот и решија да изготват текст за предлог за Знаци за интернет-квалитет, на пример за Дизајн на веб-сајтови кои ги задоволуваат стандардите за е-Инклузивност, или за интернет-провајдери. Предлогот би можел да претставува иновативен придонес на швајцарскиот граѓански сектор за средбата на Форумот есенва затоа што го рефлектира пристапот на повеќе чинители. Предложените Знаци за интернет-квалитет не се само инструмент за саморегулирање (контролиран од приватниот сектор), туку тие би требало да се раководат во насока на давање еднаква тежина на гледиштата на трите главни чинители: владите, приватниот сектор и граѓанскиот сектор. Иако Форумот за управување со интернетот не е конференција којашто би можела да донесе одлуки за Знаци за интернет-квалитет или за други прашања, сепак Форумот собира голем број чинители, а добар дел од нив би можеле да се заинтересираат заедно да работат на оваа идеја.
Слајдови и видеа од конференцијата „Слободни култури – слободен интернет“ (само на германски, 7.07.2006)
Предлог-верзија на „Знаци за интернет-квалитет“ (само на германски)
Форум за управување со интернетот
(Норберт Болоу - Швајцарската група на интернет-корисници)
(6160 hits/посети) |