| Собранието го избра Иво Ивановски за министер без ресор задолжен за информатичко општество |
|
|
|
| 26.12.2006 |
|
На 21.12.2006 година Собранието на Република Македонија со 67 гласа
„за“ го избра м-р Иво Ивановски за министер без ресор задолжен за
информатичко општество во Владата на Република Македонија.
Премиерот Никола Груевски во своето обраќање пред пратениците истакна неколку аргументи, кои како што рече ќе одат во прилог за оправданоста од неговиот избор и корисноста што ќе ја има Македонија од неговата работа. Според него, постоењето на министер без ресор кој ќе биде задолжен за оваа проблематика значително ќе ја олесни реализацијата на овие проекти. Владата, како што рече премиерот, со цел Македонија и нејзините граѓани што поскоро да фатат приклучок со модерните информатички технологии во Европа и во светот ќе вложува итно во информатичката технологија. - Без умеењето да се ракува со компјутери и да се користи интернет денеска тешко е да се замисли започнувањето на каква било работа или бизнис, додаде Груевски.
Премиерот потсети дека Владата планира воведување на задолжителен предмет Информатика во основното образование и целосна компјутеризација на училиштата... Во контекст на тоа, Груевски рече дека Владата ќе спроведе и проект „Компјутер за секое дете“, за што ќе се одвојат околу 20 милиони евра во повеќе етапи и ќе се обезбедат околу 150 000 компјутери за основците и средношколците, а ќе се покрене иницијатива и за отворање на приватен факултет за информатика. |