|
Метаморфозис е независна, непартиска и непрофитна фондација со седиште во Скопје, Република Македонија. Нејзини главни цели се развој на демократијата и просперитет преку промоција на економија базирана на знаење и информациско општество.
|
|
Насловна Вести Над 22 000 граѓани пријавени за бесплатна обука за компјутери
|
|
|
|
Над 22 000 граѓани пријавени за бесплатна обука за компјутери |
|
|
|
23.05.2007. |
Исклучително голем број граѓани сакаат да учат и да ја поминат бесплатната обука за користење компјутери и интернет, кампања што ја спроведува Владата, насловена како „Македонија земја на информатичари“. Точно 22 229 лица се пријавиле дека се заинтересирани информатички да се образуваат, што претставува показател дека голем дел од нашата популација нема доволни познавања и е неедуцирана за користење компјутери и интернет. Според првичните најави на Владата, обуката на граѓаните требаше да почне минатиот месец, но стартот е пролонгиран, бидејќи сè уште не е завршен тендерот за избор на фирма или фирми кои ќе ја вршат обуката.
Портпаролот на Владата Ивица Боцевски вели дека очекуваат тендерот да заврши кон крајот на месецов. Обуката, како што вели Боцевски, може да почне и на крајот на мај, иако почетокот на јуни е оптимален датум да се стартува со предавањата.
„Обуката ќе се одвива во 38 реони во државава во неколку етапи. Со проектот за бесплатна обука за користење компјутери и интернет, Владата планира да го подигне нивото на елементарно информатичко знаење и да го зголеми процентот на интернет-пенетрацијата во Македонија“, истакнува владиниот портпарол Ивица Боцевски.
Предвидено е во текот на бесплатната обука пријавените да се запознаат со пакетот на канцелариско работење MS Office (MS Word, MS Exel, MS Power Point) и интернет. Обуката ќе се спроведува на македонски и на албански јазик. Оние што успешно ќе го завршат курсот за користење компјутери ќе добијат диплома за завршен курс. Владата ја спроведува кампањата „Македонија земја на информатичари“ затоа што општ е впечатокот, а тоа го покажуваат и пријавените за бесплатната обука, дека процентот на компјутерска писменост на граѓаните не е завидно ниво. Компјутерската неписменост претставува своевиден хендикеп за секој граѓанин, бидејќи сите сфери од општествениот живот се со тенденција да се компјутеризираат.
Податоците од истражувањето направено од Агенцијата за електронски податоци говорат дека 31 отсто од вкупната популација во Македонија поседува компјутер дома. Точно 24 отсто од вкупната популација користи интернет.
Верче Георгиевска
Извор: Утрински весник
(4366 hits/посети) |
|