|
Метаморфозис е независна, непартиска и непрофитна фондација со седиште во Скопје, Република Македонија. Нејзини главни цели се развој на демократијата и просперитет преку промоција на економија базирана на знаење и информациско општество.
|
|
Насловна Вести ЕДРИ Судот на ЕУ ја потврди казната од 497 милиони евра за Мајкрософт
|
|
|
|
Судот на ЕУ ја потврди казната од 497 милиони евра за Мајкрософт |
|
|
|
8.10.2007. |
Мajкрософт ја изгуби жалбата поднесена до првостепениот суд против пресудата на Европската Комисија за монополска злоупотреба со која Мajкрософт се обврзува на конкурентите да им овозможи пристап до своите серверски протоколи и да го оддели својот медија плеер од оперативниот систем Виндоус.
Случајот има долга историја; по жалбата во 2003 од Новел кој го обвини Мajкрософт за неоткривање на информациите за серверски протоколи, Европската Комисија донесе првична пресуда со која му се наложи на Мajкрософт да го оддели Виндоус медија плеерот од самиот Виндоус и да им даде информации на конкурентите за да се осигура компатибилност со серверите на Виндоус. Бидејќи Мajкрософт не постапи согласно пресудата, во Март 2004, Европската Комисија го казни Мajкрософт со највисоката казна во историјата на ЕУ – 497 милиони евра.
Мajкрософт ја плати казната, но поднесе жалба до првостепениот суд кој, на 17 Септември 2007 ја одби оваа жалба со исклучок на мал дел во врска со назначувањето од страна на ЕК на ополномоштено лице за мониторинг, кое би било независно од Комисијата и „со овластен пристап до поддршката на Мajкрософт, информациите, документите, просториите и вработените како и до изворниот код на релевантните производи на Мajкрософт “. Трошоците за ополномоштениот треба да бидат покриени од Мajкрософт.
„Судот утврди дека Комисијата не погрешила при проценувањето на тежината и траењето на прекршокот и при одредувањето на износот на казната. Бидејќи Судот ја потврди злоупотребата на монополската положба, износот на казната од 497 милиони евра останува неизменет” беше наведено во официјалното соопштение на Судот.
По одлуката, Жозе Мануел Баросо, Претседателот на Европската Комисија изјави: „Оваа пресуда ја потврдува објективноста и кредибилитетот на политиката за конкурентност на Комисијата. Оваа политика го штити интересот на европските потрошувачи и обезбедува фер конкуренција меѓу бизнисите во внатрешниот пазар.“
Комесарот за конкуренција, Нели Крос, ја смета оваа одлука за голема победа: „Оваа одлука претставува важен преседан во однос на обврската на монополските компании да дозволат конкуренција, особено во индустриите со висока технологија. Пресудата на Судот потврдува дека Комисијата со право ја донела својата одлука. Мajкрософт сега мора целосно да се придржува кон своите законски обврски за прекинување на анти-конкурентната политика. Комисијата ќе направи се што е во нејзина моќ за да осигури дека Мajкрософт навремено ќе работи во склад со условите“.
Судската одлука беше широко прифатена од неколку организации. „Мajкрософт повеќе не може да смета дека е над законот. Преку користење на тактики со кои успешно ги одминаа антимонополските прописи во другите делови од светот, вклучувајќи ги и САД, Мajкрософт успеа да го одложи овој ден за скоро една декада. Но, благодарение на упорноста и одличната работа на Европската Комисија, овие тактики сега „не поминаа“ во Европа“ изјави Џорџ Гривс, претседател на Европската фондација за слободен софтвер (Free Software Foundation Europe). Европскиот отворен форум исто така ја поддржува оваа одлука, и очекува целата ИКТ индустрија да одговори со преземање на позитивни чекори за зголемување на изборот на конкуренти.“
Не е изненадувачки што реакцијата на Министерството за правда на САД беше од суштинско значење за одлуката на првостепениот суд и Томас О. Барнет, помошникот јавен правобранител за антимонопол, на 17 Септември изјави дека со одлуката „ќе им се наштети на потрошувачите поради намалување на иновациите и обесхрабрување на конкуренцијата.“
Во одговор на оваа изјава, Нели Крос ја опиша критиката на американските претставници за целосно неприфатлива: „Европската комисија не ги критикува пресудите на американските судови и ние го очекуваме истиот степен на почит од американските власти во однос на пресудите од судовите на ЕУ“ изјави таа.
Првиот адвокат на Мajкрософт рече дека приоритет на компанијата би било да се прилагоди на Законот за конкуренција на ЕУ и дека компанијата се уште не донела одлука во однос на следните правни чекори. Мajкрософт има два месеци да ја обжали одлуката на Европскиот суд на правдата.
Соопштение за печат бр. 63/07 – Пресуда на првостепениот суд за случајот T – 201/04 – Мajкрософт корпорација наспроти Европската комисија (17.09.2007)
ЕДРИ-грам: Мајкрософт доби рекордна казна (24.03.2004)
(6439 hits/посети) |
|