|
Метаморфозис е независна, непартиска и непрофитна фондација со седиште во Скопје, Република Македонија. Нејзини главни цели се развој на демократијата и просперитет преку промоција на економија базирана на знаење и информациско општество.
|
|
Насловна Вести Даночните олеснувања ги намалија цените на некои производи
|
|
|
|
Даночните олеснувања ги намалија цените на некои производи |
|
|
|
13.11.2007. |
Поевтинија лековите, компјутерите, сончевите колектори и делумно јавниот транспорт.
Наместо од петокот, кога Даночната управа објави почеток на примената на новите бенефицирани стапки на ДДВ, овие производи и услуги поевтинија вчера. Стопанствениците велат дека викендот го искористиле за да направат попис и да ги коригираат цените. Кај јавниот транспорт единствено поевтинија билетите за железничките линии. Билетите за јавниот градски превоз останаа исти, 25 во приватните автобуси и 35 во оние на ЈСП. Превозниците најавуваат дека новите цени со вградена пониска стапка на ДДВ ќе се воведат од идната недела.
Кај лековите, теренската анкета покажува дека во „Градски аптеки“ и во оние на „Зегин“ лековите поевтинуваат во просек за 40-ина денари, а во Здружените аптеки (ЗАМ) за 20-ина денари.
- Ние ги намаливме цените на лековите соодветно на намалените стапки на ДДВ, но има некои информации дека производителите на лекови ги зголемуваат цените, што не би било коректно. Ако се случи тоа, кога ќе ги потрошиме резервите, ќе треба да набавуваме поскапи лекови, што пак ќе се одрази на продажната цена и нема да се постигне планираниот ефект. Ако државата се откажува од својот дел што треба да оди во Буџетот, не е во ред некој да ги присвојува тие пари - вели Благоја Механџиски-Зегин.
Кај компјутерите, поевтини хардверот и лаптопите, но не и екраните.
- Според нашата математика, треба и тенките екрани да влезат во групата производи што подлежат на бенефицирана стапка, а само постарите модели екрани да останат во производите за кои важи 18 проценти ДДВ. Но тоа треба да го потврдат надлежните и затоа цените за екраните засега остануваат исти - објаснуваат луѓето од овој бизнис.
- Кај нас цените и досега беа наведени во евра без ДДВ и на таа сума се пресметуваше стапка од 18 проценти. Сега на сумата пресметуваме стапка од пет проценти. За 13 проценти ги намаливме и цените на печатачите. Сега современ ласерски печатач чини околу 100 евра - велат во „Аксент компјутери“.
Во „Дуна компјутери“, кои се сопственици на Apple super store, велат дека вчера се зголемил бројот на посетители во нивните продавници.
- Веројатно луѓето чекаа да почне да се применува пониската стапка и од вчера има зголемен интерес кај купувачите. Некои купуваат, а повеќето се интересираа за цените. На пример, најмногу продаваните лаптоп- компјутери HP 530 во петокот се продаваа за 37 илјади денари, а од вчера чинат 33 илјади денари - велат во „Дуна компјутери“.
Кај сончевите колектори е намален ДДВ само за оние што служат за затоплување на водата, а не и кај колекторите што служат за производство на струја.
- Безуспешно со недели бараме објаснување од надлежните зошто не се намалува ДДВ кај колекторите за производство на струја што ние ги продаваме. Ако целта е да поевтини енергијата добиена од природни извори, не гледам на што се должи оваа дискриминација - вели Звонко Марковски, сопственик на „Сието“, кој ја создаде првата еколошка куќа која целосно користи енергија од природни извори.
Од производителот на сончеви колектори за затоплување на вода „Етерна солар“ информираат дека ги намалиле цените соодветно на коригираната стапка. - Еден сончев колектор кај нас во петокот се продаваше за 151 евро, а од вчера цената е 135 евра - велат во оваа компанија.
Од Управата за јавни приходи повторуваат дека тие немаат моќ да ги принудат даночните обврзници да ги коригираат цените соодветно на намалените стапки, но апелираат тоа да се случи, за мерката да ја покаже својата оправданост.
Извор: Дневник
(3267 hits/посети) |
|