| Шведска: ИП адресите се лични податоци |
|
|
|
| 07.07.2009 |
|
На 18 јуни, шведскиот Врховен управен суд донесе пресуда според која ИП адресите се лични податоци, во судскиот предмет на APB (Шведското биро за борба против пиратерија) - лоби група која ги застапува сопствениците на авторски права. Сепак, од коментарите што следуваа по пресудата, стана јасно дека со оваа пресуда нема да се спречи имплементацијата на шведската Директива ИПРЕД или начинот на кој застапниците на сопствениците на авторските права ги снимаат и чуваат нивните ИП адреси со цел да се идентификуваат лицата што наводно споделуваат датотеки. Иако пресудата значи дека методите на APB за гонење на лицата кои споделуваат датотеки преку зачувување на нивните ИП адреси претставуваат прекршок на Законот за личните податоци, со новиот закон ИПРЕД оваа ситуација се промени. Советникот за политики во шведското министерство за правда обезбеди образложение до Регистарот: „Гласините дека со оваа одлука ќе се елиминира ИПРЕД се погрешни, бидејќи текстот од кој ќе произлезе законот ги иззема сопствениците на правата – тие може да побараат и да чуваат броеви на ИП адреси за оваа намена“. Џонас Агнвал, правен советник во шведскиот Одбор за контрола на податоци, вели дека со новиот закон ИПРЕД се дозволува снимање на ИП адресите од страна на APB. „Не ја испитав директивата детално, но колку што знам повеќе не им треба законското изземање со имплементацијата на законот ИПРЕД“, изјави Џонас Агнвал за Computer Sweden. Тој исто така додаде: „Оваа есен ќе испитаме како се одвиваат работите на ова поле и како овие лоби групи на сопствениците на авторски права ги користат овие лични записи. Можеме да го направиме овој чекор сега кога веќе е јасно дека ИП адресите се навистина лични податоци“. Една недела подоцна, на 25 јуни 2009 г., Окружниот суд во Солна ја донесе првата пресуда според новиот закон ИПРЕД, кој донесе одлука дека еден интернет провајдер мора да обезбеди информации откривајќи го идентитетот на корисниците врз основа на ИП адресите дадени од пет издавачи на аудиокниги кои се обидуваа да идентификуваат некои од наводните прекршители на авторските права. Во овој случај, петте издавачи побараа од Шведскиот бродбенд интернет провајдер Ephone да открие во чија сопственост бил серверот за кој постоело сомнение дека содржи неколку стотици наслови на аудиокниги. Интернет провајдерот одби да каже кој стои зад ИП адресата, поставувајќи прашање дали навистина се работи за прекршување на авторските права бидејќи FTP серверот не бил јавно достапен и пристап до него имале само лицата кои имале лозинка. Во одлуката на Окружниот суд во Солна, судиите му наложија на Ephone да ги открие информациите за корисниците кои користат неколку ИП адреси, бидејќи во спротивно може да добие казна од 750.000 шведски круни (приближно 70.000 евра). Компанијата исто така е обврзана да ги покрие судските трошоци на издавачите. Collecting IP Addresses Illegal in Sweden (18.06.2009) http://torrentfreak.com/collecting-ip-addresses-illegal-sweden-090618/ Favorable court ruling do not save file-sharing (18.06.2009) Sweden: IP numbers are personal...unless you're a pirate (18.06.2009) Publishers win anti- piracy law test case (25.06.2009) First IPRED case settled (only in Swedish, 25.06.2009) Извор: ЕДРИ-грам „Swedish court: IP addresses are personal data" бр. 7.13, 1 јули, 2009. Тагови: Шведска
|