| Средба на блогери: Состојбата со македонската блогосфера |
|
|
|
| 20.08.2008 |
|
На 15 август, 2008 година, во просториите на Фондацијата Метаморфозис
се одржа неформална средба на блогери. Средбата претставуваше
надоврзување на претходната блогерска средба,
со цел размена на впечатоци за развојот на македонската блогосфера и
предизвиците поврзани со тој процес во изминатите две години.
На средбата учествуваа авторите и уредниците на блоговите Канализација, Вуна, Комуникации, Јавно здравје, Струмјан, Фемгерила, Патот на душите, Волан, Квадратура на кругот, Венера / Оксиморон, Археолошки дневник, Interpreter, Global Voices на македонски, Џаман и Развигор ;-) , како и Петар Кајевски, авторот на македонскиот пребарувач Најди!. Дарко Булдиоски го покрена прашањето на „ затвореност на корисниците на blog.com.mk во однос на блогови на други платформи“ до која според Снежана Штрковска доаѓа оти во недостаток на време, блогерите и читателите пред сè го читаат она што им го нуди „лесната организација и достапност на содржини на Блогерајот“. Според Александар Димитриевиќ „постои потреба од агрегатор од сите платформи со слична организација“. Според Филип Стојановски, таквиот агрегатор треба да биде целосно инклузивен, со вграден систем за колаборативно филтрирање со цел истакнување на квалитетните постови.
Петар Кајевски укажа дека не треба да се врши „мешање на читатели и пишувачи на блогови. Не е од толкаво значење каде ќе одат блогерите, туку читателите.“
Дарко Булдиоски исто така укажа дека „според законот сопственик на печатен медиум нема право да има електронски медиум“ што е пример на застареност на законската рамка која не зема предвид дека и веб-сајтовите се буквално електронски медиуми. Учеството на средбата беше координирано преку Гугл групата МК Блог која е отворена за сите ентузијасти заинтересирани за оваа област.
Настанот беше овозможен преку Тригодишниот проект за децентрализирана соработка помеѓу Македонија и регионот Долна Нормандија од Франција, со цел зголемување на активно граѓанско учество. |