|
Финскиот парламент пред две недели го усвои Законот за „душкање“, исто така познат како Lex Nokia.
Членот на ЕДРИ, Електронска граница – Финска поднесе жалба до Тарја Халонен, претседателот на Финска, да интервенира: пред потпишувањето претседателот Халонен треба да побара мислење од Врховниот Суд дали изменетиот и дополнет Акт за заштитата на приватноста во електронските комуникации се коси со Уставот.
Членот на парламентот, Јако Лаксо (од Левата алијанса) сугерираше дека парламентот треба да побара изјава за уставноста на Законот од Венециската комисија. Некои парламентарци, на пример Хели Јарвинен (од партијата на Зелените), исто така се сложија со професорот Туомас Ојанен, кој советуваше дека некои организации треба да го изнесат ова прашање пред Европскиот суд за човекови права.
Други членови на ЕДРИ потврдија дека ситуацијата може да биде и полоша во други европски земји. Во Шпанија нема посебен закон, но според Шпанскиот врховен суд, работодавците може да проверуваат податоци и комуникации на работа под услов работодавецот претходно да објави политика за употребата на компјутерите и интернетот на работа, на пр. какви дигитални комуникации и датотеки ќе се испитуваат. Така, работодавците можат да го утврдат нивото на приватност на работа, а што се однесува до Врховниот суд, употребата на компјутери и интернет не е опфатена со Законот за права на работниците.
Според одлуката на Врховниот суд на Франција од 9 јули 2008, „врските на вработениот воспоставени со веб-сајтови за време на работното време и благодарение на компјутерот обезбеден од неговиот работодавец да ја извршува неговата работа се претпоставува дека имаат професионален карактер, така што работодавецот може да ги бара со цел да ги идентификува, во отсуство на вработениот“. Со други зборови, работодавецот може да ја пребарува целата историја на прелистување на интернет на работникот.
Претходно, со одлука од 2006 г. од истиот суд, но во различен случај, се заклучи дека сите компјутерски датотеки на еден вработен ќе се сметаат за професионални, доколку не се експлицитно означени како „лични“, и може да се пребарува низ нив во отсуство на вработениот.
За е-пораките, истиот суд донесе пресуда во трет случај од 2001 дека истото треба да важи за е-пораките (се сметаат за професионални, освен ако се означени како „лични“).
Всушност, во Франција сè што не е означено како „лично“ може да се пребарува од страна на работодавецот, во отсуство на вработениот.
Извор: ЕДРИ-грам „Nokia Law Approved" бр. 7.5, 11 март, 2009.
|