|
Гугл продолжува да се соочува со проблеми поради неговата услуга Стрит Вју (уличен поглед). Грчката агенција за заштита на податоците ја забрани услугата Стрит Вју додека не добие „дополнителни информации“ од Гугл.
Агенцијата сака да знае колку време сликите се задржуваат во базата на податоци на Гугл и какви мерки ќе преземе компанијата за информирање на луѓето за нивните права на приватност.
Се чини дека луѓето од Гугл не се воопшто загрижени поради постапката на грчкиот орган велејќи дека тие не го сметаат тоа за забрана. „Добивме барање за дополнителни информации и со задоволство ќе продолжиме да разговараме со нив за овие прашања. Ќе ги прашаме дали во меѓувреме може да продолжиме да сликаме. Иако дијалогот е во тек, веруваме дека Гугл Стрит Вју во Грција ќе понуди огромни придобивки за грчките корисници како и за другите луѓе кои се заинтересирани за виртуелна тура низ некои од многуте туристички атракции во Грција“.
Истовремено, компанијата сака повторно да ја нагласи нејзината посветеност за преземање мерки за заштита на приватноста на граѓаните. „Гугл ја сфаќа приватноста многу сериозно, и затоа мора да воведеме неколку одлики, како што се замаглувањето на лицата и регистарските таблички за да обезбедиме дека Стрит Вју ќе се придржува до локалните норми кога ќе стартува во Грција“.
Сајмон Дејвис, директор на Прајваси интернешнл смета дека грчката постапка е еден многу добар преседан. „Ова се фантастични вести. Грчките регулатори ги разбираат ризиците што ги носи технологијата. Тие внимателно следеа што се случуваше во САД и Велика Британија и ќе бидат запознаени со аргументите на обете страни. Со тоа се нагласува разликата помеѓу регулаторите – некои ќе дозволат искористување на јавниот простор, а други пак, потврдуваат дека потребите за приватност на луѓето треба да бидат заштитени. Сега ќе чекаме на домино ефектот, бидејќи грчката одлука поставува пример којшто другите можат да го следат - ќе видиме што ќе се случи понатаму во Централна Европа“.
Во меѓувреме, Стрит Вју стана активен во Прага додека легалноста на услугата во Чешката Република е сè уште неразјаснета. Филип Посписил, експерт за приватност од членот на ЕДРИ – Iuridicum Remedium верува дека техниките за замаглување се недоволни бидејќи сè уште постои загриженост во врска со аглите и растојанијата на сликите.
Стрит Вју, како и другите нови интернет сервиси предизвикува одредени недоследности меѓу законите за приватност и технолошкиот напредок. „Како што е вообичаено, секојдневната реалност и техничкиот напредок се неколку чекори пред носителот на законите“, изјави Милана Чемберлејн, партнер во адвокатската фирма Нортон Роуз. Според неа, релевантната легислатива треба да биде изменета и дополнета за да одговара на напредокот на технологијата. „Границата (помеѓу личните слободи и заштитата на приватноста) е многу субјективна и зависи од тоа - кога луѓето ќе почнат да се чувствуваат навредени од фактот дека нивното лице се појавува на интернет без нивна согласност или кога ќе бидат оштетени затоа што некој ги видел некаде каде што не сакале да бидат видени“, вели Чемберлејн.
Соочувајќи се со жалби за нарушување на приватноста со Стрит Вју во Јапонија, Гугл изјави дека повторно ќе ги направи сите фотографии од Јапонија користејќи пониски агли на камерата, за да не се гледаат приватните имоти на тие фотографии. Иако од Гугл исто така изјавија дека ги замаглиле регистарските таблички на автомобилите како што направија во Европа, јапонските активисти за приватност се сè уште загрижени за системот Стрит Вју со кој неселективно се прават фотографии.
Greece puts brakes on Street View (12.05.2009) http://news.bbc.co.uk/2/hi/technology/8045517.stm
Google's snapshots of Prague raise privacy issues (21.04.2009) http://www.cbw.cz/en/article/googles-snapshots-of-prague-raise-privacy...
Google re-shoots Japan scenes after privacy complaints (13.05.2009) http://www.theglobeandmail.com/servlet/story/RTGAM.20090513.wgoogle051...
UK: Google's Street View does not breach the Data Protection Act (6.05.2009) http://www.edri.org/edri-gram/number7.9/uk-google-street-view-ok
Извор: ЕДРИ-грам „Goggle's Street View contested in Europe“ бр. 7.10, 20 мај 2009.
|