|
28.04.2010 |
Во текот на неделата, министрите на ЕУ и Европската комисија постигнаа согласност дека владите на ЕУ треба да користат отворени стандарди и интероперабилни системи за обезбедувањето на владини е-услуги.
Тие исто така соопштија дека ќе ја промовираат повторната употреба на информации од јавниот сектор. Министрите најавија дека ќе „внесат иновација и исплатливост во е-владеењето преку систематска промоција на отворените стандарди и интероперабилни системи, развој на шеми за е-автентикација низ ЕУ и проактивен развој на е-фактурирање, е-набавки и комерцијални набавки“.
Тоа беше една од 29-те точки за кои се постигна согласност на состанокот на сите министри одговорни за информатичко општество во земјите-членки на ЕУ и Европскиот комесар за Дигиталната агенда.
Министрите исто така изјавија дека ќе ја поддржат повторната употреба на податоци од јавниот сектор. Тие очекуваат тоа да резултира со иновации на владините услуги, поттикнати од корисниците. Со тоа, владите би станале поефикасни, би се намалил административниот товар, како и емисиите на јаглерод.
Отворените стандарди се важен елемент во голем број апликации со отворен код, бидејќи тие се бесплатно достапни. Развивањето на овој вид на софтвер може да наиде на проблеми при користење на затворени стандарди или кога се користат стандарди за кои се бара плаќање на авторски надомест. Таквите стандарди може неочекувано да се променат или да го ограничат начинот на кој софтверот може да се користи.
Француската жандармерија изврши споредба на комерцијалните апликации и апликациите со отворен код, и заклучи дека софтверот со отворен код генерално е подобар во справувањето со отворени стандарди, изјави потполковник Хавиер Гимар за време на една презентација одржана во 2009 година.
Open Forum Europe, организација за застапување за софтвер со отворен код, го поздрави планот, соопштувајќи: „Ова треба да испрати јасна порака до сите земји-членки. За нас не постои поважна точка на агендата доколку Европа навистина сериозно се насочи кон отворените стандарди“.
„April“, француска асоцијација којашто промовира софтвер со отворен код и отворени стандарди, исто така го поздрави договорот. „Засновајќи го е-владеењето врз отворени стандарди и интероперабилност, ЕУ конечно ќе се отвори за конкурентноста, иновативноста, соработката и споделувањето - својствени за слободниот софтвер“.
Извор: OSOR.eu "EU: open standards and interoperable systems for e-government"
|