| Фејсбук под притисок поради непочитување на сопствените принципи за приватност |
|
|
|
| 26.05.2010 |
|
Неодамнешните промени во поставките за приватност на Фејсбук привлекоа голем број негативни коментари од редовните корисници, но и од органите за заштита на податоците и невладините организации. Во отворено писмо, Работната група за член 29 - групата на европските органи за заштита на податоците, отворено го обвинува Фејсбук за неговите практики за заштита на податоците, тврдејќи дека е „неприфатливо компанијата темелно да ги менува стандардните поставки на својата платформа за социјално вмрежување на штета на корисниците“. На 75-тата пленарна седница на Работната група исто така беа испратени писма до 20-те оператори на социјални мрежи кои ги имаат потпишано „Принципите за побезбедно вмрежување“ на ЕУ со кои од нив се бара „стандардна поставка со која пристапот до информациите на профилот и информациите за контактите на корисниците се ограничени само на контактите што тие самите ги избрале. Каков било понатамошен пристап, како на пример пристап од интернет пребарувачите, треба да биде експлицитен избор на корисникот“. Во писмата исто така беа спомнати и независните производители на апликации за сервисите за социјално вмрежување, како и третите лица содржани во профилите на корисниците. На друго ниво, Trans Atlantic Consumer Dialogue (TACD), коалиција на групи за застапување на потрошувачи од САД и Европа усвои нова резолуција со која се критикуваат владите на САД и Европа за неуспехот да ги заштитат корисниците на мрежите за социјално вмрежување од злоупотреби на приватност и маркетинг. „Социјалните мрежи се како виртуелни домови за милиони луѓе, но врз нив се врши инвазија од страна на минирачи на податоци и рекламни агенти кои сакаат да профитираат од информациите коишто корисниците никогаш немале намера да им ги обезбедат на непознати лица“, изјави Сузан Грант, ко-претседател на Комитетот за политика за информатичко општество на TACD. Во резолуцијата се апелира до владите на САД и ЕУ да им забранат на социјалните мрежи да насочуваат реклами кон децата под 16 години и да им забранат да користат практики за онлајн рекламирање за кои студиите покажуваат дека може да имаат негативно влијание врз поединците, а особено децата – на пример, дигитален маркетинг на производи кои придонесуваат за здебелување на децата. Фејсбук се обидува да ја поврати почитта, јавно одговарајќи на прашањата поставени во New York Times во врска со овие нови стравувања за приватноста, па дури и остава да „протечат“ некои информации дека повторно работи на опциите за приватност. Но, тековните одговори на Фејсбук се контрадикторни со неговите сопствени Принципи за приватност, како што објаснува членот на ЕДРИ, Electronic Frontier Foundation (EFF): „Фејсбук ги напиша овие Принципи и ги осмисли на таков начин што ќе ги увери своите корисници, но и ќе си даде себеси простор за маневрирање во иднина. Тоа е внимателно подготвен документ, и Фејсбук нема оправдување да не ги исполни минималните стандарди кои самиот си ги постави. Доколку Фејсбук сака да ја поврати довербата на своите корисници, ќе треба да ги почитува сопствените принципи“. Извор: ЕДРИ-грам „Facebook under pressure for not observing its privacy principles" бр. 8.10, 19 мај 2010. |