|
18.06.2009 |
|
Јавните наддавања за отуѓување и давање под закуп државно градежно неизградено земјиште од наредниот месец ќе се одвиваат по електронски пат. Првите електронски лицитации ќе се одржат на 13, 14, и 15 јули преку интернет страницата www.aukcija-mtc.gov.mk, преку која идните корисници ќе можат да аплицираат и до крај да го следат процесот на јавно наддавање.
Ова вчера го истакна министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески. „Системот за јавно наддавање по електронски пат ќе обезбеди заштеда на време и простор, како и елиминирање секаква можност за манипулација“, рече Јанакиески.
По објавување на огласот, заинтересираните треба да достават документ за уплатен депозит, со што од Министерството ќе добијат корисничко име и лозинка за да се регистрираат во електронскиот систем. Откако ќе ги внесат бараните податоци, ќе добијат посебна лозинка што ќе ја знаат само тие и со која ќе може да учествуваат во лицитирањето. Електронското јавно наддавање може да трае од 30 минути до еден час. Доколку во последните три минути од истекот на времето биде дадена нова понуда, наддавањето се продолжува за уште две минути за да се спречи злоупотреба на системот.
Автор: (Б.А.)
Извор: Утрински весник „Електронска лицитација за градежно земјиште“ бр. 3013, 18 јуни, 2009.
|